|

Тимот StayBe победници на првиот „Средношколец Милионер“ со награда од 1.000.000 денари

Тимот StayBe од Битола го освои првото место на првото издание на „Средношколец Милионер“, најголемиот натпревар за средношколци во Македонија, и ја доби главната награда од 1.000.000 денари.



Младите иноватори се натпреваруваа со својата бизнис-идеја Систем 4, AI-сервис наменет за луксузни ресторани и хотели. Системот автоматски ги анализира проблемите на бизнисите и нуди три видови дигитални решенија: AI веб-асистент, AI телефонски агент и брза изработка на веб-страници.

Тимот е составен од тројца ученици од битолските средни училишта:

  • Иван Секуловски – тим лидер од СОУ „Јосип Броз Тито“ (Горна гимназија)
  • Јован Талевски – СОУ „Ѓорѓи Наумов“ (Техничко училиште)
  • Марио Рабаџиевски – СОУ „Таки Даскалот“ (Долна гимназија)

Организаторите нагласија дека одлуката била донесена едногласно, благодарение на иновативниот пристап, професионалноста и исклучителните резултати што тимот ги постигна.

„Големо задоволство ни е да го соопштиме победникот на првото издание на ‘Средношколец Милионер’. Од почетната визија да создадеме платформа за поддршка на најамбициозните млади претприемачи, до денешното финале, резултатот ја оправдува секоја инвестиција во оваа мисија,“ изјавија организаторите.

Главната награда беше обезбедена од основачот на Brainster групацијата, Петар Ниновски, кој им посака на младите претприемачи можност слична на онаа што ја имал на почетокот на неговиот пат. Победниците исто така добија понуда за дополнителна инвестиција од 6.000 евра, како и вредносни ваучери за Brainster NEXT и NU академијата за талентирани средношколци.

„Честитки на сите учесници! Не беше лесно да се одлучи победник, но вие покажавте дека иднината останува на вас. Продолжете со истата посветеност и креативност,“ изјави Петар Ниновски.

Слични Објави