Ново детско игралиште во Типски, инвестицијата е околу 65.000 евра
Новото детско игралиште во Типската населба во Прилеп денеска официјално е пуштено во употреба. Станува збор за инвестиција вредна околу 4 милиони денари, односно приближно 65.000 евра, реализирана со поддршка од Министерството за спорт, преку владиниот повик за децентрализација на средствата.
Игралиштето се наоѓа во близина на стадионот со вештачка трева и е наменето за игра, забава и рекреација на најмладите. Просторот содржи детски реквизити, лулашки и лизгалки, гумена подлога, површина со песок за играње, клупи за одмор, корпи за отпадоци, осветлување и зелени површини.
За изградбата на игралиштето, градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, информираше уште во јуни годинава, кога најави дека запуштениот простор ќе добие нов лик и ќе биде уреден за потребите на децата и семејствата од населбата.
Со пуштањето во употреба, Типската населба добива ново уредено катче за детска игра и дружење, кое ќе им овозможи на најмладите да поминуваат време на отворено во уреден простор.


