РОДИТЕЛИТЕ ИНСИСТИРААТ НА ПЕТКИ БЕЗ ЗНАЕЊЕ И ТАКА ПРАВАТ ГОЛЕМА ШТЕТА

Проблемот со масовното доделување „петки“ без реално знаење станува сè посериозна слабост на образовниот систем, а најголем дел од притисоците за нереално високи оценки доаѓаат од родителите. Ова, според Министерството за образование и наука, создава штетни последици за развојот на учениците и за општеството во целина.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека родителите се главниот фактор за порастот на инсистирањето на високи оценки без реално стекнато знаење – појава што, како што рече, нанесува сериозни последици и врз децата и врз општеството.

За време на посетата на Струмица, Јаневска нагласи дека проблемот со „петките“ е длабок и системски, а Министерството преку кампањата „Магијата е знаењето“ настојува да ја промени перцепцијата на родителите.

„Според моите долгодишни контакти со наставниците, проблемот најчесто се појавува кај родителите кои вршат притисок за високи оценки. На тој начин им прават штета на сопствените деца, а индиректно и на целото општество“, изјави Јаневска.

Таа порача дека пониската оценка не треба да се доживува како казна, туку како поттик за развој на вештини. Како дел од мерките за подобрување на системот, веќе е воведен Е-дневникот, со што се намалуваат влијанијата и стереотипите во оценувањето.

Осврнувајќи се на високото образование, Јаневска оцени дека не е праведно да постојат „две скалила на елиминација“ – државна матура и приемен испит — иако факултетите имаат право да спроведуваат дополнителни проверки, како што тоа го прави Архитектонскиот факултет.

Таа најави и измени во државната матура, со кои ќе се разграничат стручната и гимназиската матура, прилагодени на наставните програми, но со еднакви можности за запишување на факултет.

Слични Објави