|

THE HOUNDS ПОЛНОЛЕТНИ: 18 ГОДИНИ РОКЕНРОЛ, ЕМОЦИИ И ДРУЖЕЊЕ

The Hounds слават 18 години постоење, а роденденот повторно ќе го прослават онаму каде што нивната летна традиција веќе одамна стана дел од прилепската музичка приказна – во срцето на Старата прилепска чаршија.

Во среда, 12 август, пред клубот „Калинка“, прилепскиот рок бенд ќе одржи голем роденденски концерт, со кој ќе одбележи 18 години рокенрол, концерти, дружење и безброј моменти поминати со публиката.

Роденденските концерти на The Hounds веќе долги години се препознатлив летен настан во Прилеп. Чаршијата за една вечер се претвора во отворена сцена, а на едно место се собираат љубители на рокенролот, пријатели на бендот, музичари, артисти и публика од Прилеп, но и од други градови. Традицијата на роденденски концерти во срцето на чаршијата бендот ја одржува со години, а минатогодишното 17-то издание повторно привлече бројна публика.

The Hounds се еден од препознатливите прилепски рок бендови, а нивниот континуитет е особено интересен – 18 години настапуваат во истиот состав: Златко Карчески, Јане Петкоски, Крсте Карчески и Илија Мирчески. Зад себе имаат стотици настапи, авторска музика и два албуми, а во 2023 година, по повод 15-годишнината, Општина Прилеп им додели Третоноемвриска плакета за „петнаесетгодишен развој на субкултурата во Македонија“.

Бендот и денес активно настапува. Само летово The Hounds беа дел од програмата на Пиво Фестивал во Прилеп, а најавени се и за настап на овогодишниот AirFlow Music Festival.

Но, роденденот е нешто посебно.

18 години рокенрол, концерти, дружење и моменти што ќе ги паметиме засекогаш. Сонот трае и го живееме 18 години – благодарение на вас.

За 12 август се најавуваат многу гости, музичари, артисти и изненадувања, а вечерта ќе биде посветена на рокенролот и на сите оние кои низ годините биле дел од приказната на The Hounds.

Од бендот најавуваат дека сите детали за програмата ќе бидат објавени наскоро.

Едно е сигурно – среда, 12 август, Старата прилепска чаршија повторно ќе биде гласна.

Слични Објави