|

„Како што сакате“ – гостување на Кумановскиот театар во Прилеп со Шекспирова комедија


Утревечер 31.01.2025 година, со почеток во 20 часот, на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, ќе биде изведена претставата „Како што сакате“ (Ноќ спроти Водици) во продукција на Кумановскиот театар. Режијата е на Срѓан Јаниќијевиќ, а во актерската екипа се Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Антонио Димитриевски, Нина Максимова, Анастасија Величковиќ, Александра Пешевска, Давид Илиќ и Никица Јанковски.



Драматург на претставата е Симона Тоскиќ, сценографијата е дело на Марија Ветеровска, костимите ги изработи Лидија Георгиева, а музиката е компонирана од Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски.

„Како што сакате“ е современа адаптација на една од најпознатите комедии на Вилијам Шекспир, „Ноќ спроти Водици“. Претставата се фокусира на темите на згрешени идентитети и невозвратена љубов, при што низ динамични и хумористични сцени се прикажува како ликовите се соочуваат со недоразбирања и пресврти.

Како што се истакнува во најавата на претставата, оваа адаптација отвора прашања за родовите идентитети, прикажани како комичен елемент во театарот низ вековите, но истовремено и како сериозна и понекогаш трагична тема во реалниот живот. „Кај Шекспир, тоа е едноставно: машко или женско? Како што сакате“, се наведува во описот на претставата.

Слични Објави