|

Јајцето како симбол низ историјата и традициите (Митови, магии и симболи)

Јајцето како извор на верување во минатото Велигденските јајца се канонизиаран атрибут во христијанската религија. Црквата го признала вапцувањето јајца од XII век во Источната Црква и XVI век во Католичката. Инаку, бојадисувањето на јајцата е превземена од паганството. Уште во детството на човештвото луѓето виделе дека животот настанува од јајце. Така, јајцето добива значење во верувањата, магијата и обредното поведение на луѓето. Дури се мислело дека и светот настанал од јајце. Древниот човек, за возникнувањето на светот, често, судел по “аналогија со зачетокот и раѓањето на луѓето или животните – цицачи. Светот не е створен, туку се појавил од јајце. Од друга страна, претставата за возникнувањето на светот или на одделни негови делови од јајце, најверојатно, произлегува од фактот што окружниот свод на небото, сонцето и месечината, ги потсетувале луѓето на формата на јајцето. Митологијата за јајцето, како симбол на верување е мошне богата. Се верува дека животот настанува од јајце (симбол на повторното раѓање, цикличноста, симбол на животните сили и процеси, во Библијата јајцето е знак на надежта), а исто и светот настанал од јајце (симбол на Космосот).

Јајцето е осмислено како:

  • симбол на Космосот – негов животен почеток, симбол на повторното раѓање, цикличноста, симбол на животните сили и процеси, поврзано со култот кон Сонцето и култот кон предците. Во христијанството ја симболизира бесмртноста и воскреснувањето. Во Библијата јајцето е знак на надежта.

Има многу митови за “космичкото” јајце, како претстави за создавањето на космосот: Во Индија имаме ведска верзија за златното космичко јајце – симболот на огнот, кое пловело по водите илјада години, па, јајцето пукнало и од него излегол Господарот на вселената во ликот на првиот човек. Во Персија, кај Угрофинците, во Африка, кај Древносредоземноморските народи, во Полинезија и во Египет имаме такви митови. Во поархаичните митологии, од јајцето се развиваат сонцето, месечината, ѕвездите и Земјата ,“како централен дел на космосот”, а во други митови, од јајцето се развиле некои острови, градови, птици – тотеми. Имаме и митови дека предците на луѓето излегле од јајце, други дека првите богови – создатели на светот, се појавиле од јајце, а има и поразвиена фаза на митовите, во кои (Египет) “Големата гуска” Геб го снесла јајцето, од кое настанал светот. Во вавилонската митологија од јајцето излегла Иштар, кај Грците Ерос, (бил плод на црнокрилата Ноќ и Ветерот, кој и се додворувал. Ноќта во утробата на мракот снела сребрено јајце од кое излегол Ерос и го придвижил светот од состојбата на мирувањето; Најдиректна врска на празнувањето на Велигденските обичаи имаме со римските празници наречени „Големи дионизии”, во чест на Диониз, бог на плодењето и плодноста, напредокот, радоста, виното и уживањето. Некои од овие постапки ги прифатиле и Словените. За синкретскиот (многуслоен) карактер на обичаите говори користењето на изразот и додавката „Дос” – директен остаток на Дај Бог.

По народните верувања, јајцето крие необична магиска сила:

  • Штити од зли демонски суштества
  • Со него се прават и расипуваат магии
  • При породување, низ кошулата на жената се пропушта јајце “за полесно да роди”.
  • При првото капење на новороденчето во водата се става јајце (од навите).
  • На невестата и се провира јајце низ облеката
  • На местото каде што умрел покојникот, се крши јајце “за да не умре друг и да не се враќа душата на покојникот.”
  • Возрасни жени закопуваат во гробовите варени јајца “за да не се претворат мртвите во вампири.”
  • Јајца се даруваат задолжително на лазарките за да “не паѓа град преку летото.”
  • Јајцето игра важна улога и во обредот, кој се извршува на поилото кај овците за тие да бидат заштитени од “жени – мамници”, кои со магии го мамат млекото од стадото
  • Плодност: јајцето се става во првата бразда, се крши од рогот на добитокот пред орањето и се меша заедно со житното семе.
  • Верувањето дека од тоа како се бојадисани јајцата се гледа каква ќе биде годината. Ако јајцата биле убаво бојадисани и украсени се верувало дека со тоа ќе се делува годината да му донесе бериќет и плодност. Ако тие биле бледи по бојадисувањето или ако на нив имало дамки се очекувало врнежливо и градовито време.
  • Господовото јајце се ставало пак пред икона, или пак се закопувало во лозјето или нивата “за да чува од гром и да носи дожд”, а потоа пак се заменува со ново.
  • Носењето јајца на гробишта на Божиќ, Велигден, Петковден, „за душа“
  • Вештерките предизвикуваат болести со помош на јајце, конци, босилек. Така, порано се верувало дека на Величетврток се прави магија за „пиле мамниче“ (јајцето коешто го снесла кокошката уште пред изгрејсонце на величетврток, се носи под мишка се додека од него не се испили пиле – мамниче, кое го користат за разни зли магиски дејствија. Со негова магиска помош го „одземаат“ родот од туѓите ниви и млекото на туѓите крави. Со пискливиот глас мамничето ги “омалаксувало” луѓето и тие паѓаат во несвест, а потоа умираат и сл.
  • Со јацето се гата и се разгатнуваат тајните на судбината.
  • Лекуваат различни заболувања (израстоци, подливи… баење со живо јајце околу местото”)
  • На Ѓурѓовден господовото јајце се ставало во сад со вода налеана од воденичарски чарк, и во него се ставале уште и здравец, дебелика, дрен и так цела ноќ стоело под дрен, за утредента пред изгреј сонце да се измијат сите домашни со таа вода и пак притоа изрекувајќи ја говорната формула: “црвено-бело, црвено-бело, цевено-бело

Александар Цветкоски, кустос советник – Завод и Музеј Прилеп

Слични Објави