Одбележана 116-годишнина од раѓањето на Круме Кепески со промоција на нова книга
Во чест на 116-годишнината од раѓањето на големиот македонски јазичар Круме Кепески, синоќа во просториите на Градската библиотека „Борка Талески“ се одржа свечен настан. Настанот беше организиран во соработка со Друштвото за наука и уметност – Прилеп, а централниот момент беше промоцијата на книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик“ од проф. д-р Јованка Кепеска, ќерка на Кепески и истакната македонска лингвистка.






Во присуство на бројна публика, љубители на македонскиот јазик и култура, беа упатени искрени зборови на почит кон делото на Кепески – авторот на првата македонска граматика и еден од темелите на современиот македонски јазик. Новото издание, кое содржи досега необјавени ракописи и мисли од Кепески, претставува драгоцено сведоштво за неговото дело и влијание.
За значењето на оваа книга и за научниот придонес на Кепески зборуваа и д-р Симона Груевска Мајоска, како и проф. Слободан Беличански, кои преку своите излагања ја потенцираа вредноста на јазичарската и културната оставнина што Кепески ја остави зад себе.
„Кепески не е само автор на граматика – тој е дел од нашата национална историја. Неговото дело го трасираше патот за стандардизирање на македонскиот јазик и негово рамноправно користење во сите општествени сфери“, беше истакнато на настанот.
Горди сме што Прилеп и Македонија ги слават луѓето кои оставиле длабоки корени во нашето културно и јазично постоење. Нивното дело нè обврзува да продолжиме да го негуваме и развиваме македонскиот јазик – како симбол на нашиот идентитет и постоење.
.