Со „Танец“ започна 55. издание на „Илинденски денови“ во Битола
Синоќа, на отворената сцена во Битола, свечено беше отворено 55. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ – еден од најзначајните фестивали на народното творештво во Македонија.
Во рамките на отворањето, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ приреди целовечерен концерт под наслов „Ритамот на душата, бојата на традицијата“. Програмата претстави нова продукција на ансамблот, композиција од избрани кореографски слики и музички мотиви од повеќе етнографски региони на Македонија.
Со својата извонредна енергија, синхронизираност и длабока почит кон традицијата, „Танец“ уште еднаш го потврди своето место како амбасадор на македонската култура.
Фестивалот „Илинденски денови“ продолжува со богата програма и во наредните денови, со настапи на културно-уметнички друштва од земјата и странство, изложби, работилници и традиционални настани што го слават македонското фолклорно и духовно наследство.



