Бесплатни тестирања за хепатитис, ХИВ и болести на црн дроб во 10 градови низ државата



По повод Светскиот ден за борба против хепатитисот, Министерството за здравство во соработка со Хепар Центар-Битола и клиниките за гастроентерохепатологија и инфективни болести започна национална кампања за подигнување на свесноста и рано откривање на заболувања на црниот дроб.

Од денеска, граѓаните ќе имаат можност да направат бесплатен и анонимен скрининг за хепатитис Б, хепатитис Ц и ХИВ, како и еластографија – неинвазивна метода за испитување на хронични црнодробни заболувања. Кампањата започнува од плоштад „Македонија“ во Скопје, каде од 10 до 13 часот ќе биде поставена мобилна здравствена единица.

Целта на кампањата е да се поттикне навремено препознавање и дијагностика на сериозни црнодробни состојби како цироза, замастување на црниот дроб (алкохолно и неалкохолно), црнодробен карцином и ретки заболувања, кои често се развиваат без симптоми до доцна фаза.

Скринингот ќе се реализира во 10 градови низ државата, според следниот распоред:

  • 28 јули – Куманово (18:00–20:30)
  • 30 јули – Тетово (10:00–12:30) и Гостивар (18:00–20:30)
  • 1 август – Струга (10:00–12:30) и Охрид (18:00–20:30)
  • 4 август – Битола (10:00–12:30) и Прилеп (18:00–20:30)
  • 6 август – Штип (10:00–12:30) и Гевгелија (18:00–20:30)

Министерството за здравство ги повикува сите граѓани, особено лицата кои припаѓаат на ризични групи, да се вклучат во кампањата и да ја искористат можноста за навремено и бесплатно испитување.

Слични Објави