ЈКП Комуналец: Изгаснат големиот пожар на депонијата во Алинци
По четири дена интензивна борба со огнената стихија, целосно е изгаснат пожарот на депонијата во Алинци. Од ЈКП „Комуналец“ информираат дека станува збор за еден од најголемите пожари досега, кој според нив бил предизвикан од непознат сторител.
Во гаснењето биле вклучени екипи од ТППЕ Прилеп, ЈКП „Комуналец“, Дирекцијата за заштита и спасување, како и повеќе општествено одговорни компании.
Од „Комуналец“ упатија благодарност до сите што помогнале, нагласувајќи дека покрај човечки ресурси, биле обезбедени и механизација, цистерни и транспортни возила.
Пожарот во одреден момент се заканувал да се прошири и на останатите делови од депонијата, но со навремена реакција бил ставен под контрола.
Надлежните потенцираат дека овој случај уште еднаш ја отвора потребата од регионално управување со отпадот, како и селекција на отпадот на местото на негово создавање и поголеми инвестиции во современи системи за управување со отпад.



