| |

На денешен ден е издадена „Бели мугри“ од Кочо Рацин

На денешен ден е објавено едно од највлијателните дела во македонската литература – поетската збирка „Бели мугри“ од Кочо Рацин. Книгата е објавена во 1939 година во Самобор, во близина на Загреб, тогаш во состав на Кралството Југославија.



„Бели мугри“ претставува темел на современата македонска поезија. Со својата социјално ангажирана содржина, силни симболики и автентичен јазик, збирката го доловува животот, страдањата и стремежите на работникот од тоа време.

Ова капитално дело и денес се изучува како едно од најзначајните во македонската книжевна историја, а Кочо Рацин останува запаметен како пионер и борец за македонскиот литературен и културен идентитет и пред се како борец за работнчките права.

.

Тутуноберачите

На кантар студен со туч го мерат
а можат ли да го измерат,
нашиов тутун — нашава мака
нашава солена пот!
.
Од темни зори на утрини летни
до никоја доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и потта и крвта и снагата ни.
.
Жолт — жолти прави лицата бледни
и жолта гостинка у градите носи.
.
По утрини росни, по мугрите пресни,
наведени ничкум по полињата родни
Зачмаени ние го береме.
.
Лист по лист кини,
лист по лист нижи,
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди
и на долга низа од капки пот
и надеж со клетва и зелена јад,
со коров поглед на очите матни
по кревките лисја жолтозлатни
прикаска горка на живот клет
нанижи безгласна а така јасна.
.
Та не знаеш ли?
.
Денот ли дојде тој да се мери —
мерка му нема, а в градите длаби
без да се запре, без дно да најде
не тага а клетва, и в очите матни
и не сакајќи сама се дига
фуријата.
.
Кантарот носи лисјето златно
а в гради луто далгите беснат
на жолтата мака — на жолтиот тутун
на жолтата пот на рацете ни!

Слични Објави