Пушењето почнува на 13 години – алармантни податоци за младите во Македонија, 80% од малолетните пушачи никогаш не биле спречени да купат цигари
СЗО и ЕСПАД алармираат: Пушењето почнува уште во основно училиште, електронските цигари нова сериозна закана
Пушењето кај младите во Северна Македонија започнува сè порано, а електронските цигари стануваат сè поприсутни, покажуваат загрижувачките податоци на Светската здравствена организација (СЗО) и Европското истражување за употреба на алкохол и дроги кај учениците – ЕСПАД 2024.
Според официјалните податоци, околу 40% од 14-годишниците веќе пушат тутун, а просечната возраст на првиот контакт со цигарите е само 13,5 години, што значи дека пушењето започнува уште во основно училиште.
Истражувањето ЕСПАД 2024 покажува дека 33% од учениците на возраст од 15 и 16 години барем еднаш пробале цигара, додека 24% пушеле во последните 30 дена. Дополнително загрижува фактот што 74% од младите пушачи започнуваат со пушење пред 13-годишна возраст, а над 80% ја формираат навиката пред 25 години.
Најалармантен е податокот дека речиси 80% од младите пушачи никогаш не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст, иако продажбата на тутунски производи на малолетници е законски забранета.
На седница на Комисијата за здравство во Собранието беше истакнато дека Македонија губи околу 4.000 животи годишно како директна последица од пушењето тутун и тутунски производи.
– Од малолетни деца создаваме доживотни зависници. Само пет проценти од зависниците од тутун успеваат самостојно да ја надминат зависноста. Без промена на животните стилови и без сузбивање на пушењето, здравствениот систем ќе стане неодржлив – изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, информираше дека од минатата година повторно е воведена програмата за превенција од пороци кај адолесцентите, а наставници од 50 основни училишта веќе поминале обуки за работа со ученици и спротивставување на врсничкиот притисок.
Од здравствениот сектор, доктор Глигор Тофоски потсети дека постојат јасни законски забрани за продажба и консумирање тутунски производи на јавни места, но тие во пракса не се почитуваат.
– Пасивното пушење е сериозен здравствен проблем. Имаме квази-тераси каде се пуши, а граѓаните излегуваат од кафулиња мирисајќи на цигари – рече Тофоски.
Програмската директорка на тинк-тенк „Аналитика“, Тамара Мијовиќ Спасова, оцени дека пушењето кај младите не е личен избор, туку резултат на слаба регулатива, недоследна контрола и висока општествена прифатливост на тутунот.
– Во земја каде цигарите се меѓу најевтините во светот и каде малолетниците без проблем можат да ги купат, државата директно ја губи битката за јавното здравје – истакна таа.
Анализите на „Аналитика“ покажуваат дека зголемување на цените за 10% ја намалува веројатноста младите да започнат со пушење за околу 3%, особено кај деца и семејства со низок доход.
– Секое одложување значи нови генерации зависници, повисоки здравствени трошоци и изгубен човечки потенцијал – порача Мијовиќ Спасова, апелирајќи проблемот да се третира како општествена криза, а не како изолиран здравствен проблем.



