|

Секој четврти ученик на возраст од 15 до 16 години се коцкал за пари – – ХЕРА: Ова е јавно -здравствен проблем


Секој четврти ученик на возраст од 15 до 16 години во Македеонија се коцкал за пари во текот на изминатите 12 месеци, покажуваат најновите истражувања.

По повод Меѓународниот ден на младите, ХЕРА Млади и Иницијативата „Фрли ја коцката!“ преку герила акција во Скопје упатија порака за сè поголемата присутност и нормализација на коцкањето и обложувањето меѓу младите.

Од организациите предупредуваат дека коцкањето не треба да се третира како безопасна форма на забава, туку како прашање поврзано со јавното и менталното здравје, финансиската писменост и заштитата на малолетниците.

Според податоците што ги презентираат, еден од четворица ученици на возраст од 15 до 16 години се коцкал за пари во последните 12 месеци. Дополнително, кај учениците кои се коцкаат, уделот на проблематично коцкање бележи значителен пораст – од 4,5 отсто во 2019 година на 7,6 отсто во 2024 година.

Од ХЕРА посочуваат дека ризикот е дополнително зголемен во услови кога младите се соочуваат со невработеност, финансиска несигурност, предизвици поврзани со менталното здравје и желба за иселување. Во таков контекст, лесната достапност и агресивната промоција на коцкањето можат да создадат погрешна перцепција дека брзата заработка е решение за економската несигурност.

Особено внимание, според иницијативата, треба да се посвети на онлајн рекламирањето и достапноста на платформите за обложување, како и на ефикасното спречување на пристапот на малолетници.

ХЕРА и „Фрли ја коцката!“ бараат доследна примена на постојната регулатива, построга контрола на рекламирањето, особено во дигиталниот простор, и поефикасни механизми за проверка на возраста и заштита на малолетниците.

Меѓу барањата се и поголеми вложувања во финансиската писменост, превенцијата и едукацијата за менталното здравје, но и обезбедување бесплатна, доверлива и младински пријателска поддршка за оние кои веќе се соочуваат со проблематично коцкање.

Пораката од иницијативата е дека на младите им се потребни реални можности за подобар живот – достоинствена работа, квалитетно образование, култура и спорт, финансиска сигурност и достапна грижа за менталното здравје – наместо илузија дека коцкањето може да понуди лесен пат до заработка.

„Иднината на младите не е игра на среќа“, е пораката што ја упатија организаторите преку акцијата во Скопје.

Фото – Хера

Слични Објави