|

Пациенти со несоодветна терапија, лекови исчезнати, милиони украдени!

Јавното обвинителство денеска на прес-конференција изнесе шокантни детали од истрагата за случајот „Онкологија“, кој ја потресе јавноста со сомнежите за системска злоупотреба во третманот на пациенти со малигни заболувања и проневери во вредност од милиони евра. Како што беше соопштено, поднесени се две обвиненија со кои се опфатени вкупно шест лица – меѓу нив медицинскиот и организацискиот директор на Клиниката за онкологија, како и четворица лекари онколози, вклучувајќи и еден поранешен директор на установата.

Првото обвинение се однесува на економското работење на Клиниката. Медицинскиот директор, во координација со организацискиот директор, е обвинет за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата.

Според обвинителството, во периодот од 2018 до 2022 година, двајцата функционери прибавиле имотна корист од над 2,2 милијарди денари (приближно 36 милиони евра). Тие набавувале лекови со намера да ги присвојат, односно лекови кои биле фиктивно раздолжувани – заведени како дадени на пациенти, но во реалноста тие никогаш не ги примиле.

Второто обвинение ги опфаќа четворицата онколози, меѓу кои и поранешниот директор, кои се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни. Вештачењата на медицинската документација откриле дека кај 29 пациенти била применета несоодветна терапија, а кај 16 – непотребна. Онколозите, иако биле свесни дека пациентите се во напреднати фази на болеста каде терапијата не дава ефект, препишувале лекови од нови генерации и притоа отстапувале од препорачаното дозирање. Со тоа не само што не придонеле кон подобрување на здравствената состојба, туку ја влошиле.

Овој скандал повторно ја отвора болната тема за одговорноста во јавното здравство, транспарентноста во набавките и контролата врз клучните институции. Семејствата на засегнатите пациенти бараат правда, а граѓаните – гаранција дека вакви злоупотреби никогаш нема да се повторат. Од Јавното обвинителство најавуваат дека истрагата продолжува и дека постои можност за проширување на обвиненијата.

Слични Објави