|

Две мали штркчиња останаа сами во Боротино – Апел за итна помош

Две мали штркчиња останале сами и беспомошни во селото Боротино, откако возрасните штркови го напуштиле местото, алармираат од Здружението за заштита на животни „Шанса за живот Прилеп“.

Од здружението велат дека информацијата до нив стигнала преку порака од велосипедист, кој забележал дека малите птици останале сами во услови на екстремно високи температури.

Според објавата, штркчињата се подоцна изведени и сè уште не се доволно развиени и силни за самостојно да летаат и да се снаоѓаат. Поради тоа, останале изложени на жешкото сонце и без грижата на возрасните птици.

Од „Шанса за живот Прилеп“ упатуваат апел до граѓаните и сите што можат да помогнат, случајот да се споделува со цел што побрзо да се најде решение и да им се овозможи на младите штркови да бидат згрижени.

„Малите животи исто така заслужуваат спас“, порачуваат од здружението, повикувајќи на брза реакција за да им се даде шанса на штркчињата да преживеат, да пораснат и еден ден самостојно да полетаат.

Случајот повторно го отвора прашањето за потребата од навремена реакција и заштита на дивите животни, особено во периоди на екстремни температури, кога младите и немоќни животни се најранливи.

Фото – Здружението за заштита на животни „Шанса за живот Прилеп“.

Слични Објави