|

Сегашна состојба на децентрализацијата и кој-што работи и/или треба да работи

Законот за локална самоуправа (тоа е базичен закон и се нарекува „lex generalis“, што значи дека е „попстар“ од многу други закони, кои се носат за локалната самоуправа и мора да му бидат подредени), општо ги дава надлежностите на ЕЛС по области. Кои надлежности (кој дел од надлежноста) ќе ги извршува општината и во кој обем се дава со посебни закони (најчесто, тоа се закони на национално ниво), но во секој случај, општината сама мора да си донесе подзаконски акти, кои се прецизни.

Надлежностите постојано се усложнуваат и стануваат побројни, низ многуте акти (закони, стратегии, планови), кои владата и министерствата мораат да ги усвојат „под знамето“ на нашата хармонизација со европското законодавство  (го нарекуваат „аквис“), а секој „европски“ закон, стратегија, план… дава обврски и, ако не друго, барем како „хоризонтална мерка“. Хоризонтално спроведување значи дека еден закон на центтрално ниво, мора да се вметне во документите и на локално ниво и во документите на институциите (за и таму да важи, затоа што новите закони предизвикуваат измени и последици врз старите закони). Исто така и сложеноста и испреплетеноста на законите претставуваат кошмар за слабиот општински капацитет.

Еве само еден пример за таква сложеност: Законот за локална самоуправа („главен“ закон за општините или „ЗЛС“) дава надлежна за донесување урбанистички планови, уредување на градежното земјиште и издавање одобренија за градење за градби од втора категорија (со локална важност) на општината. Сепак, ваквата надлежност не може да се оствари, затоа што е тоа само општо кажано во законот и претставува работа на сосема други закони (Закон за градба, Законот за просторно и урбанистичко планирање…), кои треба да ги следат огромен број подзаконски акти, кои самата општина треба да си ги донесе, за да може да ја спроведе дадената надлежност (не е само да пропишеш закон, туку и постапка, форма на документација, финансирање на процесот, кој и како носи планови, што носи државата – што општината и многу друго). Законот за градење определува постапката за издавање одобрение за градење, но и што е тоа  „градба од локално значење“, каква е постапката на надзор над спроведувањето на овој закон (инспекција) и многу друго. Со Законот за градежното земјиште, правно се определува градежното земјиште, неговото уредување, начинот на располагање со него, отуѓувањето и давањето под закуп, се определува начинот на кој се спроведува постапката и електронска постапка, се утврдува формата на актите и списите во постапката и многу други прашања, а и најважното: законското доуредување, или прецизирање на законот со подзаконски акт и кој тоа го може: надлежниот министер, градоначалникот или Советот на општината.

Децентрализација неминовно бара општините да создаваат капацитет и практики за да се справат со овие претешки работи, а тоа (од своја страна) бара мошне стручни кадри, кои следат закони, кои постојано се доедуцираат, кои меѓусебно разменуваат податоци и актуелните проблеми заеднички ги решаваат. Значи, административните работи бараат систем на вработувања на стручни кадри, систем на напредување во кариерата – следен со систем на наградување (плати), ефективни систематизации на работни места, со детален опис на работни операции, ИТ (информатички технологии) опремување и развој на софтвер за следење на сето тоа. Порано, кога овие надлежности беа на државно ниво и кога се работеше по други закони, услугите за граѓаните беа мошне спори и  слаби, исполнети со корупција на секој чекор и… И ништо! Пак е така, со една разлика: Сега нема „внатрешна едукација во институциите“, каде поискусните колеги ги обучуваа новите кадри, а порано имаше. На пример, локалната администрација се жали дека од 2006 година немале обука за најпотребното: Законот за даночна постапка и прибирањето на локалните даноци, но затоа имале мноштво непотребни „дружења“, кои ги нарекуваат обуки.

Колку да разбереме: Реформите, многу често, значат лутање низ законите и низ можните решенија. Така е и со носењето закони. Многу пати законодавецот не се снашол и не предвидел колку лоши последици може да даде некој закон.

Втора работа е намерата. Порано многу внимаваа законите да не им го нарушат комодитетот на властодршците и тоа и сега не е многу сменето. Така, законите секогаш беа на страна на администрацијата и функционерите – никогаш од страна на граѓаните, но сепак, тогаш немаше никаква законска можност за учествово на граѓаните во носењето одлуки.

Немојте да мислите дека и општините „ќе паднат во несвест“, кога ќе им испратите свое мислење, но и тие се плашат дека заедно со предлогот до нив можете да направите и прес конференција или соопштение за јавност, па не би ризикувале да ве ингнорираат.

Без растот на капацитетот, подобрувањата се невозможни, а партизацијата на администрацијата е „алфа и омега“ на тој процес. Така, никој не водеше сметка за квалитетот на кадарот – кој го примаат на работа, ниту за нивната доедукација. Администрацијата и функционерите стануваа продолжена рака на партиите, кои мораа да ги задоволуваат апетитите на партиското членство за вработување на „државни јасли“. Да, некои градоначалници и советници сакаат да ги подобрат (барем) услугите кон граѓаните, но напластените проблеми во прекумерната администрација и на локално и на национално ниво, партиите и централната администрација грижливо ги чуваат и унапредуваат. Сакаш нова систематизација, за да ги подобриш услугите? Одма ќе ти речат дека си луд што се зафаќаш со тоа и дека, ако отпуштиш тројца, кога ќе дојдат „другите“ ќе отпуштат 30 „наши“, а ако на неангажираните административци им дадеш некакви понапорни задолженија, тие ќе саботираат, оти „не е нивната партија на власт“ или „ќе кочат – колку можат“. Законот за работни односи е најврвниот закон во судовите и скоро секој отпуштен, го вратиле на работа.

Сега многу градоначалници „плачат“ затоа што немаат кадри, кои им требаат. Самите тие се жалат дека сакаат, но рацете им се врзани со слабите кадри. И тие сакаат европски проекти, да градат, да организираат средби, едукации, патувања за администрацијата во странски земји, каде има добра едукација и добри примери, кои можеме да ги пренесеме кај нас. Но, парите се како ситна риба: Ја има, ама тешко се фаќа! Рибите ситни, мрежата искината и наменета за фаќање китови. Затоа е позитивно што и општините разбираат дека ќе бидат сиромашни како црквени глувци, ако не створат кадар. Свеста за тоа веќе ја има, но и градоначалникот доаѓа од партија – да не заборавиме!

Ете, тоа е приказната за новите надлежности, за кои треба капацитет, а за тоа стручни и непартиски кадри, а за тоа политичка волја. Кога нема политичка волја, нема ништо и децентрализацијата може да се нарече како сакаме, но таа ќе започне да зема замав кога општините повеќе нема да имаат избор (кога општините нема да можат да ги задоволат ниту најелементарните граѓански потреби), освен да го започнат тој „мерит систем“ (напредување по заслуга или „систем на кариера“) на кадри, затоа што ќе почне да им се одразува на партискиот рејтинг, а можат да „заработат“ и граѓанска непослушност, неплаќање сметки или демонстрации.

Едноставно, сите ние граѓаните, администрацијата и цивилното општество, лесно можеме да бидеме доведени во неподнослива ситуација, иако „Македончето може да издржи сѐ“, па да го дигнеме гласот против партиите, што е веќе започнато со граѓанската апстиненција од јавното учество, иако не е добро што тоа се пренесе и на граѓанското учество во процесот на носење одлуки. Рејтингот на партиите многу работи може да реши, ако го нападнеме поорганизирано и без многу паметување. Купишта ѓубре по улиците тоа можат да го „поттурнат“, повеќе отколку недостатокот на улично осветлување, кое (сепак) го плаќаме, но засега, тоа што граѓанинот не е прашан, нема многу влијание и не е „лост за подтурнување“.

Задачите, посебно на ниво на закони се тешки. Правото е такво, но тоа не е проблемот. Проблем е ако „правниот лавиринт“, кој не е несовладлив за еден административец, ти дава алиби за неработење, шмеќарлаци и корупција.

Никој не може да ги доброи актите, кои ги продуцира владата и ги задолжува и општините и формирани тела и комисии на национално ниво и комисиите на локално ниво, кои субсидијарно (тоа значи дека најниското ниво на власт, кое може да изврши една задача, треба да ја изврши таа задача и да не оди таа задача „нагоре“, кон повисоката инстанца на власт) мораат да ги формираат во општините, за да одговорат на тие стратегии, акциони планови, планови за управување, агенди „за ова и за она“, препораки, подзаконски регулативи… Едноставно, патот кон ЕУ тоа го бара (да сме сѐ хармонизирале со Аквисот). Како и да е, тоа им дава огромна работа на општините, која не можат да ја стават настрана и да речат: „Нам тоа не нѝ треба, имаме поважни задачи“. Всушност, тоа се номинални акти, од кои повеќето ќе стапат на сила „по влегувањето на Македонија во ЕУ“ и нема ниту теориска шанса тие да сѐ имплеметираат на терен, но сепак, градоначалникот треба да „ги предложи“ пред Советот, тој да ги усвои, да се формира некакво „тело“ за тоа, да се предвидат правилници за тоа тело, да им се изгласа начини на известување и информирање на ресорното министерство (затоа што ресорните закони ги спроведува некое министерство). Сето тоа го троши и времето и ресурсите, па многу често, нема време за подобро да се размислил за битните работи.

За вистина на волјата, „поважните работи“, а тоа е „патот на парите“, надлежните сакаат да го тргнат од очите на јавноста, за да се занимаваат со влегувањето во Европа, преку тие „планови“ и „стратегии“. Тоа е вистината: „барај што подалеку од мојата куќа, за да не прашаш што бара твојата косилка во мојот двор“!

Ете, и тоа ги троши слабите ресурси на најпосветениот кадар во општината.

Затоа, во понатамошните написи, ќе ги опишеме надлежностите, законите, планирањето и другите работи, кои општините

и „Регионот“ мораат да ги остваруваат и спроведуваат.

Слични Објави