УРЕДУВАЧКИ КОНЦЕПТ НА ОТВ – RD HUB
Оваа адреса треба да послужи да ги приближиме ставовите и разбирањето на локалната и регионална демократија на граѓаните, со ставовите и мислењата на професионалците, кои живеат и работат со законите и со општинските и регионалните работи, односно со локалните и регионални функционери и нивната администрација.
Дали од многу „приближување“ можеме да настрадаме?
Така некој го сфаќа тоа, но не и ние. Под „приближиме“, подразбираме многу нешта.
Најпрво, граѓаните мораат да имаат малку повеќе знаења за работите на општините и регионалните тела: Совет на Пелагонискиот Плански регион (СППР) и Центар за Развој на Пелагонискиот Плански Регион (ЦРППР). Под „општини“ не подразбираме само Градоначалник и Совет на општината, туку и сите претпријатија и тела, кои ги формира општината.
Тоа не се само знаења од она што го пишува во законите, туку и како сите овие општински и регионални тела работат, што им е работа, кои им се проблемите и што сработуваат. „Што сработуваат“ значи и од каде парите за тоа и како тие пари ги трошат.Овој ХАБ ќе говори и за идните трендови на локалните и регионалните самоуправи, односно, како треба да се развива во иднина, кои се најважните насоки за развој, како на пример „одржлив развој“, „СМАРТ градови“, „градење капацитет“, насоки за идниот развој и сл. Тоа ќе биде додадена вредност и за граѓаните и за општините.
Овој ХАБ дава знаење за да можеш да станеш дел од процесот на одлучување на локално и регионално ниво, посебно ако имаш некаква експертиза и знаење за геодезија, право, туризам, занаетчиство, култура, економија, спорт, рударство, шумарство, полудраги камења… Значи, на општината ѝ требаат сите видови знаења, кои граѓаните ги поседуваат и можат (најпрво) бесплатно да ги понудат, но не како „градоначалниче дојди нешто да ти кажам“, туку на званичен и прописен начин, за тоа „гледање со градоначалникот“ да има последици, кои важат и вредат само ако „утре“ се најдат во локалниот план за развој, стратегија, закон, правилник, лого, бренд на општината, урбанистички или (дај Боже) Просторен план. Инаку, ако го сметаш градоначалникот за златана рипка, тој тебе ќе те смета како гњаватор.
А политиката? Таа е влезена во сѐ, зошто не и во ХАБ – от?
Зар и градоначалникот не е од партија?
ХАБ – от нема да биде многу „нежен“ со било кого и нема да се грижи дали на политичките партии тоа им се допаѓа. Иако доаѓаат од некоја партија, градоначалниците и советите на општините се соочуваат со големи проблеми и веќе гледаат дека „парите не се доволни“ и дека без подобрување на општинскиот капацитет со „Јавно Учество“ на граѓаните, нема да можат да се справат со предизвиците на утрешнината.
Партијата е едно, а маките се друго и кај нас и кај европјаните!
Вистина е дека нас сите веќе „времето нѐ гази и не успеваме да се справиме со брзите промени во светот и посебно во забревтаната Европа, која е како „набилдан слепец“, кој, иако често удира во ѕид, продолжува понатаму. Се разбира, нивните грешки одма стануваат и наши, но никој не може да каже дека одењето во темнината на иднината е лесна и извесна работа. Ние се пријавивме да одиме таму и Европа не нѐ молеше за тоа, па ако сме избрале – а сме избрале, да нѝ е со здравје: патот мора да го одиме, колку и да не нѝ се бендисува. Просто е, нашите деца заминаа на „трулиот Запад“, за да ја почекаат и државата да стаса таму, па (ако стасаме) ќе нѐ пречекаат. Мака е да го запознаеш внучето по фејсбук, нели? Партијата таа болка нема да ја смали..
Адреса: Грижа и малку од малку верба
Затоа, мораме да се однесуваме „европски“ (што и да значи тоа) и треба да почнеме да се грижиме за состојбата на нашта демократија, посебно ако е на локално и регионално ниво, затоа што ако тука не можеме, како ќе делуваме на национално ниво?
Дали е РД ДАБ – от „уште еден“ медиум?
ХАБ – от е дел од „медиска заедница“ и не е комерцијален, политички обоен и не е направен за донаторите и НВО – ите, туку за развој на идеи. Мораме да направиме принципи, по кои ќе работи овој ХАБ, за да не стасаме на тенкиот мраз – по кој одат медиумите. Тоа е уредувачка политика, каде единствено важно нешто е граѓанинот и градоначалниците, советниците, административците, вработените во ЈП и во општинските иснтитуции, но само како граѓани, затоа што сите сме ние граѓани на една општина и регион и на тоа треба да се сетиме, затоа што сакаме заедно со нашата младост да одиме во Европа, а не тие таму да чекаат, а ние кукавиците да касниме со децении, затоа што се плашиме да искажеме сопствено мислење.
Затоа, овој ХАБ ќе се занимава и со критика, но не партиска, вулгарна и простачка, туку критика – кон подобрување и помагање на општините и „регионот“.
Од тие причини, мораме да сфатиме дека знењето е влезен билет за соработка со општините, затоа што, не е административецот и градоначалникот „суден“ да слуша многу паметни интелектуалци, кои бараат „градоначалникот да вработува во фабриките“ или „Комуналец да ги смали сметките за струја“. Ако бараме општини по наша мерка, мораме да се запрашаме:
А која е нашата мерка?
На многумина одгговорот нема да им се бендиса.
Да оставиме празни муабети и малку да поднаучиме за општините и регионот, затоа што нашето „наследство“ не е само татковата куќа и нива, туку и општините, јавните претпријатија, музеите, домовите на културата, библиотеките, катастарот, архивот, централниот регистар, даночното одделение… Сиромашни ќе бидеме само ако се откажеме од тоа неследство.
Правила на ХАБ – от
Не мораме да бидеме актуелни по секоја цена
Не емитуваме нешто без докажана вредност
Прво истражуваме и даваме „позадина“ на настанот, историјат, дали се повторува, дали некој не сака да реагира или премолчано поддржува / толерира
Даваме објаснување на правната основа од областа на децентрализацијата и дали се почитуваат законите и процедурите
Толкуваме од гледна точка на „примена на најдоброто решение за странката“
Е – услугите се доказ за отворена општина, а „отворените податоци“ за нивната грижа за јавно учество
Покриваме битни активности на стејкхолдерите (НВО – и, ЛАГ – ови, ЦРППЛ и негови тела, Општината, Политички партии, Промоции, Граѓански идеи, Успеси на институции и личности…), ако вредат, ако се надпартиски и граѓански и ако не се работи за манипулација (не само партиска, туку и институционална, невладина, приватна…)
Вклучуваме репортери во зависност од тоа дали теренскиот community reporter сака да работи, дали има амбиција да пренесува такви настани и дали ги почитува уредувачките стандарди
Врвни принципи:
Новинарство без стандарди е „мртвородено“,
Јавното обраќање без претходна јавна едукација не е ниту зачнато,
Стандардите не може да ги направи некој „кој е негде поставен – од некого“,
Стандардите ги прават слободните медиуми и фриленсерите!
Стандардите мора да се постигнат со „Претходна јавна едукација“. На пример, ако сакаме да говориме за Фондот за неразвиени подрачја, Фондот за иновативност или Бирото за развој на образованието… прво мора да раскажеме што е тоа и зошто е направено, па потоа и самата пракса: Дал/и навистина за тоа служи или е тоа „уште една институција“ за измотување со граѓаните.
Нужната вулгаризација при „близок со корисникот“ јазикот е неминовна и лесно се објаснува ако се каже дека „не е така во 100% случаи“, но „скоро секогаш е така – како што кажавме“.
При било каква промоција и медиска помош се придржуваме на уредувачки стандарди, како на пр. во случај на промоција на нечиј проект, каде ќе мора да имаме информации за да промовираме нешто такво: на цели на проектот, задачи на проектот, предвидените постигнувања, вклучените лица, како се институциите вклучени во проектот, ниво на соработка со нив, што тие ќе сменат со тој проект и сл. Ако активностите не ги задоволат овие стандарди, тоа јавно ќе го кажеме.
Јавна едукација на граѓаните низ прилозите, каде мора да се објасни јасно и во „УЛТРА User friendly”: што е тоа „проект“ и за што служи, заради што е различен од „Програма“ – какви што имавме порано (мерливост на постигнувањата), кој и заради што го финансира таквиот проект, како се „расчитува“,
Едукација за стручни лица и новинари: кои проектни елементи мора да ги бараат, за да ги презентираат до граѓаните, како и проценка на квалитет на производите или резултатите од самите активности.
Со тоа, одобрените проекти од страна на општините за НВО – и, предлозите на ЦРППР за финансирање проекти до БРР и имплементацијата на НВО проектите нема да остане надвор од јавната дебата и критика,
Квалитетот и успешноста на производите и влијанијата ќе биде оценувана од Уредникот и така ќе бидат ставени пред јавноста, со што актерите на проектна имплементација ќе морат да се грижат за квалитетот на имплементација, па и тоа какви проекти ќе финансираат и кому ќе дадат пари;
Дозволено е исмевање, па и жестоко исмевање, ако имаме очити примери на манипулација, произволни и штетни толкувања, ниски цели и фалично исполнување, празно правдање на неоправдливото, партизација, концентрација на моќ, корупција, стигматизација, акции и пасивност против родови права….
Користењето духовити споредби и „народно подесување“ се дозволени (пр. ви смета 2 часа Парада на гордоста, а не ви смета по 24/7 мотори, кои ги туражираат до „даске“ и го загрозуваат животот на вашите деца….)
Ќе користиме „забуната“: РД ХУБ ќе биде „Регионализација / Децентрализација“ или „Регионална демократија“ или Регионална и Локална Демократија (LRD)
Граница на делувањето е Темата за децентрализација и регионализација, Законот, етиката, моралноста на прилогот, естетиката на претставувањата и производите и стратешката корист за граѓаните.
Нема да се грижиме ако некоја активност и/или прилог ѝ „користел“ на некоја партија, општина, функционер… ако сме ние сигурни дека е во границите на делување. Едноставно, нема да се грижиме ако „така испадне“, затоа што ќе се претвориме во оние „фини дечки, кои никого не сакаат да увредат и ништо не кажуваат, за да не згрешат“.
Ако згрешиме, јавно и одма се извинуваме, но кажуваме и зошто сме згрешиле и каде тој – кому сме згрешиле, „ја дупнал топката“.
Сите донирани пари остануваат за нас,
Нема да бараме и примаме донации, реклами и поздрави и честитки на наши слушатели.