Законот – најнебитната „небитна работа“ на светот, од која е побитна само политичката волја
Со ред. Прво малку за таа „правна работа на општините“, која нема да ја разбереме, ако прво не направиме мал „прелет“ преку правото, кое нѝ кажува дека има правни акти со различна сила.
Основна подела на правни акти и нивна „сила“
- Уставот е највисок правен акт, кој „ги постројува“ сите други правни акти
Ако некој (човек, институција, НВО…) се сомнева дека некој закон или подзаконски акт не е усогласен со Уставот, може „да го даде“ (во форма на „Иницијатива за оценка на уставноста“) на Уставен суд, кој проценува дали е или не „проблематичниот закон, акт, урбанистички план…“, согласен Уставот. Ако „Уставен“ укине некој закон или член во некој закон, се смета како тој закон никогаш да не бил донесен и се поништуваат сите одлуки донесени врз основа на тој укинат закон, а ситуацијата се враќа во поранешната состојба (тоа се нарекува: restitutio in integrum). На пример, куп урбанистички планови „Уставен“ ги има поништено, а колку е тоа почитувано од властите е друга приказна.
- Закони – мора да бидат усогласени со уставот
Законите ги носи Собранието, а при гласањето е потребно различно мнозинство гласови – зависно дали се работи за системски (тогаш треба 2/3 мнозинство) или обичен закон („апсолутно мнозинство“ – барем 61 глас и „обично мнозинство“ – најмалку 40 гласа и над 50% од присутните да гласаат за законот), а за некои закони, какви што се за децентрализација, треба „Бадинтерово мнозинство“.
Има два вида закони и тоа општи (генерални – lex generalis) и посебни (специјални – lex specialis). Се она што не е регулирано со „посебен закон“, се уредува со неговиот „општ“ закон. Ако нешто и понатаму не е јасно, Собранието „автентично ги толкува законите“ и никој друг нема право да ги толкува законите произволно.
Со „преодните и завршни одредби“ во самиот закон, кажано е од кога и под кои услови законот ќе важи. До тој датум важи стариот (сменетиот закон). Има закони, кои „одложено“ се применуваат, односно ќе се применуваат во иднина, а пак има и закони, коио одма важат кога ќе бидат објавени, но некои членови нема да важат од тој датум, туку ќе важат од друг датум (точно се наведува во законот).
Изменувањето и дополнувањето на законите се врши со иста постапка како за носење на закон. Законите, кои се често менувани треба да имаат „пречистен текст“ на законот – објавен со службен весник (во него се пишува дефинитивната верзија на законот, а измените се внесуваат во самиот закон, така што читателот нема да знае што е сменето со многуте измени на законот и сѝ го чита како четиво). Другите правнички „хокус – покус“ верзии на закони – не важат, па кога се пишуваат одлуки се даваат броевите на сите службени весници каде имало измени.
Со закон за ратификација на меѓународен договор се озаконува таков договор и тој не може да се менува со закон. Ваквиот договор е дел од нашиот правен систем, како закон, без оглед што не сме го напишале ние, туку „дошол“ од странство.
- Подзаконски акти – поврзани со закон
Подзаконскиот акт мора да биде предвиден во самиот закон. Се нарекуваат: уредба, наредба, правилник, упатство… Уредбите за извршување на законот се носи ако самиот закон тоа го предвидува, важат сè додека важи законот, или доколку изречно не е утврдена важноста во самата уредба. Уредби со законска сила се донесува при воена или вонредна состојба. Наредбите ги носат органите на државната управа, со цел извршување на законите и прописи и претставуваат дообјаснување. Правилниците се подзаконски акти донесени од органите на државната управа и служат за разработка на законите и акти на Собранието и на Владата, па и тие се разработки на закони и прописи (начини, методи, состав на комисии, рокови, изглед на документи и сл), за да се олесни примената на закон. Регистрите се како „список на литература“. На пример „Службен весник на РСМ“, електронски, објавува што објавила оваа година, на која страна е прописот и сл.
- Акти на надлежни органи (управни установи и општина) – мора да бидат усогласени со законите (а со тоа и со Уставот)
Општините носат „општи акти“ (ги уредуваат односите, правата и обврските за граѓаните и правните лица (тоа се: институциите, јавните претпријатија, фирмите, НВО – ите, стопанствениците, занаетчиите …) и тие се однесуваат на сите „засегнати“ граѓани („засегнат“ значи дека правиш нешто што е регулирано со закон, но ако не си во таа категорија – не важи за тебе, на пр.ако немаш имот, нема да важат општинските закони за данок на имот – за тебе, ако не си извадил маси и столици на улица нема да важи комуналните правила за користење јавен простор за тебе и сл.)и „поединечни“ акти (акти кои се носат во управна постапка – значи „индивидуално“ за лице или фирма со име и презиме, или кога служат за именување на функција и сл). Поединечните акти се тие „хартии“ кои нѝ доаѓаат за плаќање данок, за „легализација“ на куќа, гаража или друга градба, решенија – кога бараме нешто и сл. Законот предвидува дека против секој таков акт имаме право на жалба до некоја институција (најчесто до комисии или до Управен суд).