Современ ехо-апарат за мозочни прегледи на новороденчиња – новитет во прилепската болница
Во Одделението за детски болести при Општата болница со проширена дејност – Прилеп, од неодамна е ставен во употреба модерен преносен ултразвучен апарат за прегледи на мозок кај новороденчиња, како донација од општествено одговорната компанија „Моцарт“.
Со оваа опрема, болницата започнува со воведување на рутински неуросонографски прегледи кај сите новороденчиња – прегледи кои досега се правеа само при сомнеж за одредена здравствена состојба. Новата практика овозможува рано откривање на потенцијални невролошки нарушувања, што значително го подобрува квалитетот на грижата за најмладите пациенти.
Покрај тоа, од болницата информираат дека во следната фаза се работи на подготовка за воведување и на ехо-прегледи на срце кај новороденчиња, со цел комплетно следење на нивниот развој уште од самото раѓање.
– „Ова е навистина значаен напредок за нашата установа и за целиот здравствен тим што се грижи за бебињата. Благодарение на новата опрема, можеме да ги унапредиме стандардите на неонаталната дијагностика и да понудиме услуга која досега не беше достапна како рутина,“ – изјави д-р Кире Јоноски, директор на болницата.
Прегледите ќе ги спроведува прим. м-р д-р Габриела Тавчиоска, супспецијалист по детска неврологија, која веќе има искуство во неуросонографија стекнато на Клиниката за детски болести „Клаичева“ во Загреб.
– „Ултразвукот на мозок е безбеден, неинвазивен и многу информативен преглед, особено важен во првите денови од животот. Со оваа иницијатива добиваме можност навреме да откриеме промени кои можеби нема да се забележат веднаш. Уште поважно, со новиот апарат прегледите можат да се изведуваат и кај бебиња во инкубатор, без да се наруши нивниот третман,“ – нагласува д-р Тавчиоска, раководителка на одделот за детски болести.
Новата опрема претставува долгорочна инвестиција во јавното здравје и вистински чекор кон создавање на современа и достапна неонатална грижа. Ова е и пример како партнерствата со приватниот сектор можат да донесат конкретни придобивки за пациентите и за здравствениот систем во целина.



