Сѐ уште не е достигнат пикот на грипот во Прилеп
Сѐ уште не е достигнат пикот на грипот во Прилеп, иако бројот на регистрирани заболени е зголемен, информираат од Центарот за јавно здравје – Прилеп.
Во моментов во Прилеп се евидентирани 127 заболени од грип, што претставува тројно зголемување во однос на претходниот период, но состојбата засега не е алармантна и нема фатални последици. Двајца пациенти се хоспитализирани на Инфективното одделение, а уште двајца на Детското одделение.
„Хоспитализираните пациенти се во добра општа состојба, не се на респиратор, туку имаат покачена телесна температура и болки во телото“, изјави Марија Стевананџија Дамческа, епидемиолог во Центарот за јавно здравје – Прилеп.
Во Крушево, според податоците, се регистрирани само 15 заболени и нема зголемување на бројот на случаи, додека во Македонски Брод, земајќи го предвид бројот на жители, бројката е релативно висока и изнесува 132 заболени од грип.
Од Центарот за јавно здравје предупредуваат дека во наредниот период се очекува дополнително зголемување на бројот на заболени, особено со почетокот на второто полугодие во училиштата.
„Состојбата внимателно ќе ја следиме преку бројот на отсуства од наставата“, додава епидемиологот Дамческа.



