„Сѐ почнува со дијалог“ – промоција на книга за поинакво локално владеење (видео)
Изминатиот викенд, во просториите на Градската библиотека „Борка Талески“ се одржа промоцијата на книгата „Од дијалог до политика: дизајн на градови што слушаат и одговараат“ од авторката Климентина Ѓорѓиоска, која низ истражување и анализа нуди конкретни модели за пореспонзивно и транспарентно локално владеење.
Модераторка на настанот беше Моника Талеска. Таа ја нагласи применливоста на книгата и во македонскиот контекст, особено во општините каде што граѓанското учество може да има силно влијание.
Книгата ја промовираше проф. Ана Блажевска, која со аналитички пристап ја доближи содржината до присутните, истакнувајќи ги клучните поенти: важноста на граѓанското учество, отчетноста како принцип, како и потребата од дефинирање на заеднички цели меѓу институциите и заедницата, оаобњно затоа што кај нас последните 20 години, условите за демократските процеси, не се баш поволни и се влошуваат.
На настанот се обрати и градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, кој во својот говор ја поздрави иницијативата и потенцираше дека ваквите дела се силен поттик за продлабочување на односот меѓу локалната власт и граѓаните. Тој подвлече дека токму преку дијалог и отворена комуникација се гради доверба, а со тоа и подобра иднина на локално ниво.
Авторката истакна дека книгата е резултат на квалитативно истражување спроведено со претставници на јавниот сектор во Њу Орлеанс, при што нивните искуства нудат вредни увиди за тоа како да се гради функционален, транспарентен и одговорен локален систем.
Настанот заврши со јасна порака: „Сѐ почнува со дијалог“ – но дијалог кој води до акција, доверба и заеднички решенија. Книгата е отворена покана кон сите општини што сакаат да бидат повеќе од администрација – да бидат вистинска служба за граѓаните.



