Дигитализацијата како предизборно ветување – ќе остане ли само на хартија?
Иако дигитализацијата и воведувањето на е-услуги беа дел од ветувањата на повеќето сегашни градоначалници, ефектите сè уште не се видливи во пракса. Се поставува прашањето дали темата за е-услуги и дигитални општини повторно ќе биде во фокусот на следните локални избори, или пак ќе остане формално ветување без конкретни чекори.
Само 5,7 % од жителите во руралните средини ги користат веб-страниците на општините за да се информираат за нивната работа, покажуваат податоците од истражувањето спроведено од организацијата АГТИС преку Центарот за поддршка за е-услуги. Ова укажува на длабока нееднаквост во пристапот до информации и услуги меѓу урбаното и руралното население и ја потврдува загриженоста дека електронските алатки на локално ниво сè уште не се доволно достапни и користени.
И покрај „заложбите за дигитализација и модернизација“ на локалната администрација, жителите од села и помали населени места сè уште најчесто се информираат и добиваат услуги со физичко одење во општината, преку шалтерите, или преку телефонски јавувања и лични врски.
„Ми се чини дека општината сè уште работи на старомоден начин. За многу работи мораш лично да одиш, да бараш некој познат или да чекаш ред. Веб-страницата им ја користат само помладите, но кај нас, во селото, тие се малцинство, многу се иселени“ вели Иван, жител на рурална општина.
Експертите од Центарот за поддршка за е-услуги при АГТИС истакнуваат дека локалните е-услуги теба да создадат еднаков пристап до јавни услуги за сите граѓани, без разлика каде живеат. Ако добро се имплементираат, ќе нема потреба од врски, телефонски повици или чекање ред на шалтер а секако и ќе се намали корупцијата.
Сепак, тие предупредуваат дека без паралелна едукација, подобрување на интернет-инфраструктурата во руралните средини и вистинска политичка волја, дигиталната трансформација ќе остане само на хартија.
Во услови кога државата промовира дигитална трансформација на сите нивоа, зачудува фактот што многу општински веб-страници се слабо одржувани, недостапни или неинклузивни за етничките заедници.
Доколку локалните власти навистина сакаат да ја доближат администрацијата до граѓаните и да ја направат поефикасна, електронските услуги мора да бидат повеќе од предизборно ветување – да станат суштинска политика за подобар живот во руралните средини.