|

Родово базираното насилство изршено со (зло)употреба на технологијата

Од многуте нови видици, предности, но и опасности кои сме свесни дека ни ги отвори појавата и огромниот подем на мрежното поврзување, или интернетот, еден факт е сосема извесен – ниту постарите генерации како дигитални мигранти (лица родени пред ескпанзијата на интернетот, со аналогно детство, но дигитална младост и полнолетство), ниту дигиталните домородци (лицата родени во дигиталната ера) сѐ уште не се свесни за сите промени и предизвици што ги носи интернетот како депо на колективни информации и средство за меѓусебно поврзување, ниту, пак, за најдобрите начини за негова (само)регулација.

Секако, едно е јасно – колку сме поинформирани за разновидните начини на коишто
интернетот може да биде (зло)употребен како алатка за насилство, толку полесно ќе биде тоа да се спречи, соодветно да се реагира и да се санира. Првиот чекор во овој процес е соодветно именување на сите поими врзани за родово базираното насилство со злоупотреба на технологијата. Кога можеме да ги именуваме нештата, полесно ќе ги дефинираме и полесно
ќе ги препознаваме. Токму затоа и се впуштивме во овој преведувачки и приспособувачки потфат, како обид да ги разјасниме, да ги приближиме и да ги локализираме главните поими поврзани со родово базираното насилство извршено со (зло)употреба на технологијата, да направиме мост помеѓу претставниците на помладите и на постарите генерации за полесно заемно разбирање, но и за да ја олесниме идентификацијата и преземањето соодветно дејство кон ваквите видови насилство, а секако и нивното воведување во кривичниот законик, во оние случаи во кои е применливо

Родово базираното насилство изршено со (зло)употреба на технологијата (РБНИУТ, англ. Technology facilitated gender-based violence – TFGBV) е релативно нова појава, нешто што би било речиси незамисливо пред триесетина години. Со сѐ поголемата застапеност на информациските и комуникациските технологии во нашиот секојдневен живот, до степен до којшто сега е тешко да се замисли еден најобичен ден без интернет, лаптоп, паметен телефон или без социјалните мрежи, родовото насилство извршено во дигиталниот простор станува сѐ позачестено.

Податоците покажуваат дека многу жени ширум светот доживеале некаква форма на родово базирано насилство извршено со злоупотреба на технологијата, додека девојчињата, девојките и младите жени се особено подложни – 58 % од нив доживеале некаква форма на родово базирано насилство во дигиталното опкружување, а во повеќето случаи тоа им се случило на возраст меѓу четиринаесет и шеснаесет години, при што речиси половина од нив (47 %) наишле на закани со физичко и сексуално насилство.

Во поимникот, кој е во продолжение се дадени и, условно кажано, „похрабри“ преводни решенија за дел од поимите, се илустративни и дека на лицата кои не се толку активни корисници на социјалните мрежи ќе можат лесно да им ги доловат концептите за коишто станува збор. Поимник е изработен врз основа на публикацијата „Родово базирано насилство со посредство на технологија – секој простор да биде безбеден“, објавен од Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА 

Слични Објави