ПОБРЗИ УСЛУГИ И НАМАЛЕНИ ТРОШОЦИ ЗА ГРАЃАНИТЕ НА БИТОЛА
Доколку општината цели да биде отворена, отчетна, транспарентна треба да испорачува подобри, побрзи и поевтини услуги за своите жители, секако и да воведува електронски услуги со поедноставување на постапките согласно законската регулатива и можностите за имплементација на нови решенија.
Во насока на погоре кажаното Општина Битола направи измени на официјалната веб страна на Општина Битола www.bitola.gov.mk, во делот услуги, каде се поставени променетите обрасци – барања за предбележување, прибележување и запишување на градби од втора категорија во Катастар и постапката се одвива согласно законската процедура преку Општина Битола со доставување на пополнето барање и оргинални уплатници, без доставување на проектна документација снимена на ЦД. На овој начин, значително се поедноставуваат постапките и се намалуваат трошоците за граѓаните.
Од друга страна, неодамна имплементираниот ГИС систем овозможува целосна дигитална трансформација во урбанистичкиот сектор, централизираност на сите урбанистички податоци и нивна визуелна презентација на мапа, а со самото тоа лесно и брзо управување со целокупната урбанистичка документација.
ГИС системот исто така овозможува и автоматизација на работните активности пред се во процесите на издавање на документи односно за генeрирање на изводи од градежна парцела. Пренесувањето на административниот процес во електронска форма овозможува подобрување на ефикасноста и брзината на работа во општината. Електронските бази на податоци на кои се работеше во изминатиот период, ќе помогнат во полесно проследување на документите, како и во поефикасна комуникација помеѓу администрацијата и граѓаните.
Со ваквите процеси, се зголемува транспарентноста кон граѓаните, на начин што секој граѓанин може да пристапи на ГИС системот преку јавен портал gis.bitola.gov.mk и има пристап од информативен карактер до општите податоци за сите урбанистички планови на ниво на општина.