Партнерства за климатски промени – нови можности за соработка со Република Австрија

Партнерства за климатски промени, нови можности за соработка помеѓу организации и институции од нашата држава и Република Австрија

Денес, на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје се одржа настан Партнерства за климатски промени каде претставници на институции и организации од нашата држава и Република Австрија ги споделија предизвиците и можностите за справување со климатските промени со фокус на секторот земјоделство.

Посетата на 20 претставници од Република Австрија е во организација на Локалната Акциона Група од Регионот Elsbeere Wienerwald (Австрија)  и Локалната Акциона Група АГРО ЛИДЕР и Факултетот за земјоделски науки и храна Скопје.

Настанот го отвори Деканот на ФЗНХ – Проф. д-р Вјекослав Танасковиќ истакнувајќи ја отвореноста на факултетот за меѓународна соработка во областа на земјоделството.

Проф. д-р Драги Димитриевски од ФЗНХ ја прикажа моменталната ситуација во земјоделскиот сектор во нашата држава, предизвиците со кои се соочуваме но и потенцијалот кој го имаме за раст и развој на земјоделството со примена на добри практики од ЕУ и стратешки мерки кои ќе одговорат на реалните потреби на овој сектор во нашата држава.

Од Република Австрија, Кристина Гаснер- ЛЕАДЕР менаџер го презентираше леадер регионот каде делуваат, а г-н Матијас Завичовски – Управен директор од регионот за климатски и енергетски модел презентираше успешни проекти кои донеле значајни придобивки за достигнување на енергетска ефикасност преку искористување на обновливи извори на енергија и кои би можеле да бидат мултиплицирани во други региони и земји.

Во нашата држава, во последниве години се спроведуваат бројни проекти и се повеќе се истакнуваат институции, бзинис ентитети и граѓански организации кои преку пилотирање на добри практики и иновативни решенија, или обезбедување на поддршка се од големо значење за справување со климатските промени во земјоделството.

Едни од нив се Македонската Соларна Асоцијација – Солар кои го спроведуваа проектот Енергетско ефикасни практики како решение за климатски промени кој беше претставен од страна на Стефан Трајков- проектен координатор.

Во моментов започната е Активност на УСАИД – Партнерства за економски раст која беше презентирана од страна на г-ѓа Тамара Тодоровска и преку која се и ќе се обезбедува поддршка на микро, мали и средни претпријатија во земјоделскиот сектор за промовирање на зелена транзиција и дигитализација во земјоделството.

На настанот присуствуваа градоначалници, претставници на институции, академци и експерти, и граѓански организации од нашата држава, кои разменија идеи и можности за идна соработка помеѓу двете држави во насока на одржлив и еколошки земјоделски сектор.

Слични Објави