(видео)РОТАРИ КЛУБ ПРИЛЕП СО ДОНАЦИЈА ЗА ГРАДИНКИТЕ: 18 ЕКСТРАКТОРИ И 180 КГ ОВОШЈЕ И ЗЕЛЕНЧУК
По повод 18 години од постоењето, Ротари клуб Прилеп донираше 18 екстрактори за храна на детските градинки „Наша Иднина“, како и 180 килограми свежо овошје и зеленчук.
Донацијата доаѓа како одговор на загрижувачките податоци за исхраната кај децата во Македонија. Според информации од Институтот за јавно здравје, само 25% од децата консумираат овошје, а 21% редовно јадат зеленчук. Дополнително, дури 31% од децата имаат зголемена телесна тежина, додека 17,5% се соочуваат со дебелина.
„Овие бројки се сериозен аларм и покажуваат дека мора да се делува веднаш“, изјави Орде Ѓорѓиевски, претседател на Ротари клуб Прилеп.
Целта на акцијата е да се поттикнат здрави навики кај најмладите, но и кај воспитувачите и родителите. Во градинката „Гоце Делчев“, децата веќе подготвуваа смути и свежи сокови од донираното овошје.
Од ЈОУДГ „Наша Иднина“ велат дека ваквите донации значително придонесуваат за подобрување на квалитетот на исхраната.
„Секојдневно работиме на тоа оброците да бидат разновидни и нутритивно балансирани. Имаме стручен тим и редовни обуки, со цел децата да стекнат здрави навики уште од најмала возраст“, изјави директорката Билјана Петкоска.
Минатата година, Ротари клуб Прилеп донираше и 21 прочистувач на воздух за градинките, што, според нив, придонело за намалување на отсуствата кај децата во периоди на вируси и бактерии. Најавено е дека до крајот на јуни ќе бидат опремени уште две градинки со вакви уреди.



