|

Промоција на “Светот што го избрав” – роман на годината за 2024 (9 Мај / 19 часот)

На осмото по ред издание на литературно-културолошкиот концепт „Процеп во процес“, кој го иницираше и реализира Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, на промоцијата на „Светот што го избрав“, кој ја понесе престижната награда „Роман на годината“ за 2024 година, ќе имаме чест и привилегија да ни гостува и да поразговараме за нејзиното дело авторката Калина Малеска.

Промоторка на романот ќе биде поетесата Лина Димоска, која на непосреден начин, со свое лично видување и непретенциозно излагање, ќе се обиде да ги воведе присутните во делото и да им го приближи истото, со цел дополнително да ги заинтригира за содржината на делото.

„Светот што го избрав“ е наративно понирање во внатрешната трасформација на главниот лик од четивото – Леона, која низ својот живот доживувала перманентна променливост на личниот идентитет поради нејзината карактерна несигурност. Таа идентитетска неконзистентност флуктуира преку нејзиниот однос и контакти како со луѓето, така и со просторот.

Комисијата од наградата „Роман на годината“, која ја доделува Фондација „Славко Јаневски“, во образложението за доделувањето на наградата на Малеска за „Светот што го избрав“ потенцираше: „Станува збор за извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори. Кус, концизен, маестрално напишан, „Светот што го избрав“ е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни се наметнал избор што не само не го оправдал туку со него ни нанел штета и тага“, стои во образложението на жирито.

Модератор на промоцијата: Александар Еленин

Слични Објави