„ГеНарација Мир“ во Прилеп: Театар и младинска соработка за мир
Прилеп ќе биде домаќин на регионалната младинска, мировна и уметничка средба „ГеНарација Мир – Уметноста е начинот“, што ќе се одржи од 10 до 12 септември 2025 година. Настанот ќе собере млади луѓе од Македонија, Косово и Србија, а во рамките на програмата ќе бидат изведени две претстави во Домот на култура „Марко Цепенков“..
На 10 септември (среда) од 19 часот ќе биде изведена претставата „Заминувања“, колективна драматургија во режија на Драгана Гунин. Претставата обработува четири женски приказни од војната во 2001 година и е базирана врз книгата „13 Женски приказни за една војна“, издание на Мировна акција – Прилеп. „Заминувања“ премиерно беше поставена во Албанскиот театар во Скопје во 2022 година, а подоцна и во Куманово. Во 2023 година беше селектирана во придружната програма на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
На 11 септември (четврток), исто така во 19 часот, ќе се одигра претставата „Татко и Татко“ на авторот Јетон Нерзај, во режија на Куштрим Колиќи од Приштина. Претставата е меѓународно наградувана со дури 15 признанија, меѓу кои: награда за најдобра претстава, режија и актерска игра на „Етно Фест“ во Кукај (2022), награда за режија и актерска игра на Фестивалот во Феризај (2022), награда за најдобра оригинална драма на албанскиот театарски фестивал „Мојсиу“ во Скопје (2022), како и највисоки признанија за режија, актерска игра и претстава на Меѓународниот театарски фестивал во Приштина (2024).
Со овие настани Прилеп уште еднаш се потврдува како важен центар на регионалната културна и младинска соработка, каде што уметноста се користи како мост за дијалог, разбирање и мир.
Влезот за двете претстави е бесплатен, а на публиката ќе ѝ биде овозможен и превод на англиски јазик



