Проектната документација е важна скоро колку и финансирањето
Сме се нагледале проекти, кои ги финансираат „странците“ и „домашните“. При тоа никој не праша врз база на какви документи тие проекти ги добиваме. Ете, таа фаза, која не е само „почетна“, кај нас е слабо објаснета, затоа што партиите и функционерите ги сакаат заслугите, а вредните проектанти можат да бидат во позадина, па дури и да бидат изоставени во реализацијата.
Како и да е, еве веќе слушаме дека некои градоначалници соопштуваат дека имаат комплетирано проектна документација за изградба на патишта, за нивна реконструкција и асвалтирање улици. Тој момент досега беше како „неважен“ за граѓаните. Проектите за општините се како златото за трговецот со злато, како клештата за градежникот, како лекарите за здравството. Тие се општински капитал и радува фактот дека скоро сите пари за проектирање од странските проекти и од државата, се потрошени за планови на општините.
Такви примери има во неколку општини, но градоначалникот на Крушево Христоски објави, како позитивна активност на општината, дека изготвиле таква комплетна проектна документација за селата Јакреново, Саждево и Борино. Од тие причини радува што општините веќе го разбираат значењето на планирањето, кое треба да стане „годишно“, со Годишната програма на општините, а постојат и подолгорочни планови, каде „општинските сонувачи“, економски планери, зајакнати со УКЛО и со стручните граѓани, треба да направат визионерски план, од каде што ќе „излегуваат“ проектите, еден по еден. Важно е при тоа да се почитува планот и „сите бродови да пловат во иста насока“. Тоа значи дека ако си се определил за туризам, нема да планираш слободна еконоска зона или да дозволуваш загадувачка индустрија, депонии и сл. Потоа следуваат урбанистите, кои треба да ги знаат напамет големите планови на нивото на државата (Стратегии и планови за развој, регионални стратегии, приоритети на општината и сл), затоа што „Просторните планови“ или не се изготвени, или се застарени или никако да почнат со планирање, за да подготвуваат проекти, чија подготовка чини пари и нема кој друг да ги финансира освен општината или некој странски донатор и со нив да аплицира за да добие пари.
Општините мораат да објават кои проекти им се одобрени или нашле пари за нивна реализација. Ние сме навикнати тоа да се помали „проектчиња“, а поголемите ги реализира некое министерство, владата, агенција (државен орган) или Центрите за развој на регионот. Уште кога ќе потпишат договор за некој проект, тоа одма треба да се објави, како заради граѓаните, така и заради компаниите. Ете, тоа (повторно) го објави градоначалникот на Крушево Христоски за склучениот договор со Бирото за регионален развој, каде се испраќаат проектите за финансирање (каде почнува старата политичка игра на надлежности: тоа е, а и не е во состав на МЛС, но исто така, тоа и ги носи и не ги носи одлуките кои проекти ќе бидат одобрени).
Додуша, многу проекти по неколку пати „им ги враќаат“ од министерствата (на пр. за транспорт и врски, за екологија и животна средина) за „поправка“ и гтоа им троши многу време за да започнат со реализација. Кога се работи за општински проекти, односно, кога се работи за нас граѓаните, тоа „не е проблем“, ние сме небитни, посебно ако нема набргу избори, но кога се работи за странски инвеститори, кои чекаат да започнат со изградба и бизнис, тоа е кобно. Просто, тие си одат и ќе инвестираат на друго место. Нема градоначалник, кој на ова не се жалел и посочуваат време на чекање и до 3 години.
Сепак, за било што да започне, општините мораат да ги запрашаат граѓаните дали предлозите за иднината на општината им се бендисуваат, да побараат и тие да предложат насоки, идеи и проекти за иднината и да изготват приоритети што прво, а што второ. Врз база на таквите приоритети се прават годишните планови, а во тие планови се наведени проектите, кои треба да се изготват.
Но, граѓаните веќе ги нема во салите и градоначалниците мака мачат да „приведат“ по некој граѓанин на јавна дебата за буџетот, за плановите или за било што. Од општините велат дека „граѓаните не се заинтересирани“, но ако погледнеме колку многу општините „се намачиле“ да ги поканат, на кој начин ги канат, какви претходни информации им даваат, колку е тој процес на информирање постојан…. и последно: Колку се тие информации среднени спрема календарите на општински настани, не чуди фактот што граѓаните не сакаат ниту да чујат да дојдат на општинските настани за планирање или за буџет, па дури и за контрола на трошење на општинските пари. Затоа, ако сакаат власт во иднина, партиите ќе мора да ја учат отчетноста и транспарентноста, а јавноста ќе мора да биде работа и на општинските ПР служби и на тие кои ја уредуваат општинската страница, па дури и на раководителите на сектори и општинските експерти од разни области. Веќе почна, па со среќа. Кој не сфатил, ќе губи рејтинг и избори и џабе му е она „Благодарејчи на градоначалникот…“, „Благодарејќи на пратеникот од ….“. Никој на тие финти веќе не паѓа.