Две во едно добра вест за Прилеп
Фабрика за рециклирање отпад е секогаш добра вест, но исто така и децентрализираното трошење пари за капитални проекти.
Одлична вест: Обезбедени биле 90.000.000 денари (милион ипол евра) за изградба на „Фабрика за рециклирање отпад“ во Прилеп!
Втора добра вест: Овој проект е дел од децентрализација на буџетски средства за изградба на капитални проекти во општините, кој многу одамна го чекаме како редовен, а не вонреден процес.
Проектот ќе ја унапреди заштитата на животната средина, веројатно ќе донесе и нови работни места, но најдрагоцено ќе биде локалното искуство со управувањето со отпадот, што е во светот и екологија и голем бизнис, а кај нас скоро и да нема ниту такви обиди, ниту такви сфаќања за отпадот како прилика, а не проблем. Од таа гледна точка, овој проект ќе значи многу за градот.
И ние, но и многу од жителите на општина Прилеп би сакале да чујат поконкретно, кој го изготви проектот, детали за објектот, дали и колку ќе може да се рециклира, дали ќе ги задоволи нашите потреби, локација, колку и каква корист ќе има градот (не општи флоскули „за доброто на прилепчани…“), дали ќе има и постапка за „пиролиза“ и производство на стрруја или топлина од отпад, или дали добиените „нови суровини“ ќе се продаваат… Сериозно, на јавноста ѝ е потребна и таква информација и малку едукација.
Веруваме дека Општина Прилеп тоа може да го овозможи за граѓаните. Тоа се прашања, кои го занимаат некој, кому не му е гајле ниту за ВМРО, ниту за СДСМ. Ајде, кажете кој и кога го направи проектот, пред кого се аплицира, заради што толку многу се чекало да го усвојат тој проект или ги молиме креаторите на проектот (веројатно е тоа тим) да се јават, да им честитаме, како што ја користиме оваа прилика да му посакаме на градоначалникот проектот да биде реализиран „со лесно“, без каснење и со вистинските реализатори.