Блосоење, кожи и ѕвонци – магијата на Прочка и мечкарите – живата традиција на маскираните обреди
Маскираните поворки во Македонија претставуваат древен обреден обичај што со векови се пренесува од генерација на генерација. Познати под различни имиња – мечкари, бабари, василичари, џамалари и други – тие се дел од богатата народна традиција поврзана со празникот Прочка и со верувањата за плодност, заштита и обновување на животот. Меѓу нив, прилепските мечкари заземаат посебно место како специфична и автентична форма на маскирана поворка, зачувана како еснафски празник на касапите.
Прилеп
Што се однесува до изведувањето на обичајот под маски во Прилеп тој се слави од памтивек , „од кога господ шеташе по земјата“ или со еден збор: постар е од првите записи за него, кои не се стари.
Најинтензивно и најдоследно се славел по селата пред Втората светска војна. Изразито опаѓање во интензитетот се бележи до осумдесетите години на овој век, па потоа се ревитализира спонтано и неорганизирано.
Очуваноста на обичајот е во врска со убедувањето дека прочката е касапски празник. Касапите во Прилеп го прифатиле како еснафски празник и секоја година без исклучок (со разлика во бројот на учесниците) го празнуваат.
Името за маскираните поворки во Прилеп е „мечкари“.
Во прилепските села се до Втората светска војна поорганизирано се прославувал овој празник а забележано е празнувањето во селото Зрзе (маскирана поворка со „легач“и непослушните синци). Овој запис покажува голема очуваност на обичајот кој денес, за жал не се изведува повеќе.
Во Мариово има запис за бабарски групи, каде наместо легач постои главен бабар. Познати се и приказни за тепачки на бабарски групи. Во село Дебреште и Дупјачани познати се тепачките на василичарските групи, а има и василичарски гробови (умрените во тепачката се закопуваат на местото на кое се случила тепачката).
Прилепските „Мечкари“ се касапи, кои актуелно работат во струката. Уште пред II Св. Војна тие биле посебна категорија презрени занаетчии (заради колењето животни, односно постојаниот контакт со „душите“ на животните). Тие уште на почетокот на 20 век го славеле овој празник како еснафски празник и неколку дена пред Прочка се собирале на осамено место (најчесто е тоа пештера) и без палење огин останувале надвор од градот, за да добијат ритуална чистота и да постигнат ритуален транс, за да го из ведат обичајот. Тие морале да седат на ладно, да јадат и пијат ладно, а дозволено им било само дивеење по планина, викање, вреѓање, меѓусебни груби кавги и тепачки. Цело време тие пијат и говорат безобразни муабети и на самиот ден Прочка, тие се во ритуален транс, па „се симнуваат“ во кланицата („Зибијата“), за да се „облечат“. Тие се облекувале во пресни и смрдливи кожи (процесот се нарекува „врзување“), со само неколку штавени јагнешки, јарешки, еленски и волчји кожи, кои ги ставале на главата. Потоа, тие ги обиколувале куќите на сите касапи, а попатно наплаќале откуп од сите минувачи. Познато е дека во шеесетите години, тие дури превртувале и возила и од нив имало оправдан страв, затоа што тие биле на ивица на силата и во халуциногени напади, па навистина биле опасни. Се паметат случаи од минатото кога две поворки се судриле и имало мртви во тој судир, кои ги закопувале на самото место (се нарекуваат „бабарски гробови“).
Касапите ги даруваат во сите куќи со пари, масло, грав, ореви, костени, брашно, овошје, ракија, вино и сл., кои тие ги носат во манастирот Св. Ѓорѓија, каде следниот ден имаат заеднички собир. Таму, на „Чисти понеделник“ (следниот ден) се готви „касапски грав“ и се празнува со посни јадења. Кога одат од куќа на куќа, тие „собирале пари, како откуп за секој поминувач, па дури и моторни возила по патот. Кога добиваат пари и блосоат, било вистински, било комично.
Во куќите на секој касап групно блосоат, со „дофрлање“. Домаќинот прво ги поздравува со “Добре дојдовте”! Дојдовте да плашите мали деца”? Мечкарот – предводник: Дојдовме годината да ти ја напрајме поарна, за ал да гледаш, да ти оди напред куќата и стоката и жената“; Другите мечкари дофрлаат: “Не жената, таа да не оди”; Продолжува главниот мечкар; „берикет да ти даде годината, од педа земја – ока жито, од една крава – стадо телиња, од едно цвеќе – цветна градина.. да е ајирлија годината и тебе и на фамилијата“; Мечкарите пак дофрлаат: „И цвејчето шо расти в’рака да ти цвета”. Така, со блосоење и отпоздрави, каде се дава место и за „дофрлање“, кое е инкорпорирано во блосоењето, се влегува в’куќа или се останува во дворот на куќата и се наздравува со ракија.
Ритуалот на „облекување“, „врзување“ и „наврзување“ го знаеле само постарите касапи. Се врзуваат наутро – рано на ден Прочка, и како – кој мечкар иде, го задеваат со муабетот: „Кај си мајмуне, дојде да се прајш мечка и да плашиш деца“, а тој грубо одговарал: „Дојдов да ја исплашам женати со суројцава, за да фрли чатал“. Пак следи наврзување: „Чатал газо да ти фати и да се фатиш сиот, како она што ги фаќа магариците“. Сето тоа е без лутење, со дофрлање и смеа. Основно е дека и самите мечкари веруваат дека на овој ден „чини“ да пие човек и да се шегува, оти „без то, блосоењето не фаќа – дено е таков“.
Потоа „се врзуваат“ со пресни кожи (за да смрдат), со конопен конец (до 1980 година), а потоа со „манила“ конец, а само за главата и покривање на вратот имаат мека штавена кожа од диво животно, јагне, брав и сл.
Исто така од дома носат ремени, заби од нерез, пулејки, огледалца, препарирана глава од овнови со рогови, петлици, а суратор бил направен од црна чоја, во триаголно – овална форма, штепуван по краевите, а забите од нерез биле прицврстени на него, украсите наредени со висечки светливи ланци и монистрата и пулејките.
До 1968 година еден од мечкарите јавал на коњ и било многу опасно да се сретнеш со нив (луѓето се криеле). Порано превртувале коли, претепувале луѓе и заплашувале моми. Најдобар мечкар бил оној, кој правел најненормални работи.
На Прочка децата маскирани одат по роднини каде се проштаваат со постарите и за тоа добиваат пари, но понекогаш се оди од куќа – до куќа со ред без да се води грижа за тоа дали посетените се познати или не. Ромчињата пак, скудно маскирани одат кај православните и бараат пари без да блосоат или да се проштаваат (тоа го прават и на други празници поврзани со дарување на посетителите како што е Велигден…).
Сепак обичајот добива нагорен тренд пред се заради општата тенденција за ревитализирање на обичајот. Така се е повеќе посетен центарот на градот (пред домот на културата Марко Цепенков и на плочникот одма до старта чаршија) каде секој сака да ја покаже направената маска. Изгледа дека тоа ќе биде култното место каде понатаму обичајот ќе се одвива. Тоа е и искористено во 1996 година, кога е за прв пат организиран јавен настан „Прочка 1996“ и се одржува како општински настан секоја година.
Историските извори посочуваат дека во Прилеп постоела една многу оригинална маска а тоа е камилата (двајца мажи со прекривач и воловси череп со подвижна вилица на стап).
Во Скопје, на Прочка, пред II св. в. празничната атмосфера се надополнувала со фрлање конфети, улични музичари со народни инструменти, игри и песна, а о војната, заради социјалистичкото уредување, празникот во редуцирана форма се прославувал само во круговите на семејствата. Од почетокот на 90 – тите години почнува селективно навраќање на стариот начин на прославување со собирање на плоштад, а секогаш организирана форма прочката добива со карневалот, кој е секогаш организиран од некого.
***
Постојат и други обичаи, кои се практикуваат на Прочка, како што е одењето на гробишта и „раздавањето“ за душа – на самиот гроб, а во селата има и многу други обичаи, кои се врзани за земјоделието и сточарството.
Како и да е, кај нас обичајот се поврзува со црковната митологија и народот верува дека е тоа христијански празник, кој има понекој „остаток“ од порано.
Етнолог Александар Цветкоски



