|

Привремена забрана за електрични тротинети во Албанија

Од вчера во Албанијастапи во сила привремена забрана за користење на електрични тротинети, кои властите ги оценуваат како сериозна опасност и извор на сообраќајни несреќи.



Одлуката ја соопштија министерката за внатрешни работи Албана Кочиу и директорот на државната полиција Илир Прода, истакнувајќи дека непочитувањето на забраната ќе резултира со одземање на возилата.

„Спроведовме детална анализа и заклучивме дека употребата на овие возила создава непосреден ризик за јавната безбедност. Само во текот на 2024 година службите за итни случаи пријавиле 991 несреќа со електрични тротинети, од кои дел завршиле со сериозни повреди, па дури и смртни случаи“, соопшти Кочиу.

Според неа, државната полиција ќе спроведува акции за целосна забрана на нивното движење по градските улици и тротоари, при што ќе следуваат и административни мерки против прекршителите.

Премиерот Еди Рама преку објава на социјалните мрежи ја поддржа оваа одлука, нагласувајќи дека забраната ќе остане на сила сè додека не се подготви нова, строга регулатива заснована на најдобрите меѓународни практики.

„СТОП ЗА ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ТРОТИНЕТИ – 991 случај за една година е повеќе од доволен за веднаш да се запре оваа опасна иновација во патниот сообраќај“, напиша Рама.

Слични Објави