|

Прилепската болница се подготвува и за зафати на ’рбетен столб по првата операција на лакот

Во Општата болница во Прилеп од следната недела се очекува да започнат и првите операции на ’рбетниот столб, што ќе претставува значаен чекор во децентрализацијата на специјализираните медицински интервенции. Тимот на Oртопедско-трауматолошкото одделение, веќе ја изведе првата интервенција со имплант на лакотен зглоб, втора од овој тип во земјава, под менторство на д-р Игор Мерџаноски од Клиниката за трауматологија од Скопје

Со оваа операција, 37-годишен пациент од Прилеп доби шанса за целосна функционалност на левата рака, откако му беше заменета скршената глава на радиусот со специјален имплант.

„Со директорот на прилепската болница направивме операција на лакотот. Тоа е еден од најсложените зглобови каде три коски се врзуваат меѓу себе. И, ако едната коска е скршена, во случајов тоа беше главата на радиус, а продолжува долу кон раката. Многу е битно таа скршеница да се замени, посебно кај младите пациенти, со имплант кој е со иста должина како скршеницата за да не се наруши анатомијата на раката, зашто по извесно време настануваат други проблеми во лакотот, дури и во рачниот зглоб, објасни асистент д-р Игор Мерџаноски од Клиниката за трауматологија од Скопје.

Тој нагласи дека вакви операции не се изведувале во државата речиси две децении. Според него, ова е силен пример за важноста на децентрализацијата и потребата од едукација на млади лекари кои ќе можат да работат во своите локални болници.

„Министерството за здравство и Владата покажаа слух и обезбедија специјализирани импланти – не само за лакот, туку и за интервенции на ’рбетниот столб. Се надеваме дека со ова ќе започне нова ера во регионалната здравствена грижа“, додаде Мерџаноски.

Директорот на болницата, д-р Кире Јоноски, истакна дека ова е почеток на нови процедури што досега се изведуваа само во Скопје.

„Тимот на ортопедското-трауматолошко одделение се надева дека со континуирана едукација и со применување нови методи во иднина ќе придонесеме што поголем број пациенти да бидат третирани во нашата болница. Најверојатно од следната недела ќе почнеме со операции на ’рбетен столб. Тоа ќе биде уште една новина, исто така под менторство на д-р Мерџаноски, за пациентите да не одат во Скопје, изјави Јоноски после изведената прва операција во болницата, втора во земјава, спасувајќи му ја функционалноста на левата рака на 37-годишен пациент од Прилеп.

Слични Објави