|

Со познатата ЈУ група “Дивље Јагоде” заврши “Преспански Јаболкобер 2024”

Со познатата ЈУ група “Дивље Јагоде” во духот на рок музиката, заврши традиционалниот “Преспански Јаболкобер 2024”, кој се оджа по 24 – ти пат. Овој фестивал има за цел промоција на регионот, промоција на преспанското јаболко, како и развивање на агротуризмот.

Третата и последна вечер од “Преспанскиот Јаболкобер 2024” помина во духот на рок музиката. учествуваа Григориј Прцуловски, “Пуш Пауза”, “Екстраваганза” и неповторливите “Дивље Јагоде”.

Вториот ден, традиционално на празникот Крстовден во присуство на министерот од МЗШВ г-дин Цветан Трипуновски, пратениците на собранието на Р.Македонија, градоначалници од соседните земји се откина првото јаболко со што се означи и почетокот на бербата. Беа избрани и најдобрите земјоделци овоштари, и доделени признанија за посебен придонес за афирмација на општината.

Првиот ден од јаболкоберот започна со штандовска презентација на производи од јаболко. На плоштадот “Цар Самоил” настапија КУД “Ѓердан од бисери” – Охрид и КУД “Стив Наумов”- Битола. Првата културна вечер започна во духот на фолклорот, збогатена со песните и ората на КУД ,, Таше Милошевски” од Ресен, Ф.А. ,,Кардашлек” од Ресен и гостите од Монтана Ф.А Ситница.

Манифератацијата „Преспански Јаболкобер 2024“ и оваа година е поддржана од општина Ресен

Преспанското јаболко
Во нашата земја постојат идеални услови за одгледување разни сорти на јаболка, а подрачјето на јужна Македонија отсекогаш било препознатливо по квалитетното јаболко. Според површината засадена со јаболков насад по глава на жител, Преспа не само што е најголема во Р. Македонија, туку и на целиот Балкан. Во процесот на одгледување на јаболката се вклучени цели семејства. Да се одгледа квалитетно јаболко, значи да си предаден на овоштарниците, да работиш за да се роди квалитетен плод. А за да се оствари тоа, работата започнува во зимските месеци, во декември и јануари. Март е месецот кога се кројат овошките.

Бербата започнува на 28 септември, на празникот Крстовден, и крајот ќе биде на почетокот на ноември, на празникот Митровден. Значи, време за одмор кога се одгледуваат овие овошки, речиси и не постои. Во септември, цела Преспа мириса на јаболка. Во овоштарниците врие како во кошница, за да се собере навреме богатиот род, и да се ослободат гранките од тешкиот товар.

Слични Објави