|

ССМ бара минималната плата да се зголеми за 6.000 денари

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска ќе се изјасни за натамошните чекори што ќе ги преземе во однос на минималната плата, откако Владата во вторникот ја усвои информацијата за нејзино зголемување за 1.800 денари во нето износ, согласно законските критериуми.

Се очекува Претседателството на ССМ да одржи седница на која ќе се дискутира за оваа одлука, која според синдикатот не е донесена на законски начин. Од ССМ посочуваат дека Владата ја одредила висината на минималната плата без консултација со Економско-социјалниот совет (ЕСС), што е спротивно на член 4 став 5 од Законот за минимална плата.

Во текот на овој месец се очекуваше да заседава ЕСС, но прво мора да се утврди репрезентативноста на ССМ, која истече минатата година. За оваа цел, денеска треба да заседава Комисијата за репрезентативност, но досега ваква седница не е одржана.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, изрази незадоволство од одлуката на Владата, нагласувајќи дека првпат од 2012 година минималната плата се утврдува без учество на работниците.

„Првпат Владата сама си донесе одлука откога е воведена минималната плата во 2012 година и за неа одлучи без работниците. Имавме парола пред неколку години на 1 Мај дека не смее да се одлучува без работниците, а Владата, за жал, на седница сама си донесе износ на минималната плата од 1.800 денари, без да се разговара на Економско-социјалниот совет“, изјави Деаноски.

Од Владата, пак, тврдат дека одлуката е донесена во согласност со Законот за минимална плата, според кој зголемувањето изнесува 2.200 денари.

„Како Влада, имаме обврска да го почитуваме Законот за минимална плата, кој треба да почне да се спроведува наредниот месец. Има доволно време за институциите да го пресметаат покачувањето“, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Минималната плата се пресметува врз основа на податоци од Државниот завод за статистика, при што 50% од пресметката се заснова на просечната плата од претходната година, а 50% на индексот на трошоците за живот и инфлацијата.

ССМ бара минималната плата да се зголеми за 6.000 денари, со што таа би изнесувала 30.000 денари, а разликата во износот да биде субвенционирана од Владата во траење од една година. Европската конфедерација на синдикати го поддржа ова барање, наведувајќи дека минималната плата во Северна Македонија е најниска во регионот.

Слични Објави