Прилеп – град на театарот, без театар – Честит 27 март
Денес е 27 март – Светскиот ден на театарот. Ден кога сцената треба да свети најсјајно и кога актерите дишат со публиката за потсетување, зошто театарот е толку важна уметност.. Ден кога традиционално, пред секоја претстава, се чита светската порака, гласот на театарот од светот и пораката на македонските театарџии, како потсетник дека сцената е жива, дека зборот има тежина, дека уметноста е заеднички простор.
А во Прилеп… тишина.
Втора година по ред, овој ден го дочекуваме без театарска зграда. Без светла што се гасат пред почеток. Без шушкање во публиката. Без оној момент кога завесата се крева и времето застанува.
Поминаа една година и неколку дена од затворањето. Во меѓувреме… најави. Проект за реновирање. Планови што постојат некаде на хартија, но не и пред очите на граѓаните. До каде е? Никој не знае. Кога ќе почне? Уште помалку. Кога ќе заврши? Прашање што виси во воздух, како реплика без партнер на сцена.
Оваа година, Прилеп нема ни сопствена претстава со која ќе го одбележи денот. Наместо тоа, гостување на детска претстава на театарот „Златен елец“. Убав гест, без сомнение. Но и тивок показател колку е празна прилепската сцена.
Во меѓувреме, како привремено решение, тука е адаптираната сцена „105“ во Центарот за култура. Простор што, колку-толку овозможува театарот да не згасне целосно. Но останува прашањето – Дали оваа сцена повеќе им служи на актерите и публиката, или на надлежните да не брзаат со вистинско решение? Зашто, нели, „има каде да се игра“.
А публиката? Таа чека.
Актерите? И тие чекаат. Театарот не живее само во зграда, но без неа, како да му го одземаш домот. Колку и да е силна имагинацијата, ни најдобрите актери не можат да ја одиграат премиерата во празнина што предолго трае.
Светскиот ден на театарот не е само честитка. Тоа е потсетник на обврска. Кон уметниците. Кон публиката. Кон градот.
Прилеп е град со театарска традиција, со публика што знае да слуша, да чувствува, да аплаудира. Но аплаузот без сцена – останува во грлото.
И затоа, денес, кога насекаде се читаат пораки за значењето на театарот, Прилеп има своја – неизговорена, но јасна:
Кога повторно ќе се крене завесата во Прилеп?
До тогаш, овој 27 март нека не биде само ден за славење, туку и ден за потсетување – дека театарот не смее да биде оставен во темнина.


