Манастирот „Трескавец“ остана без водовод поради кражба
Конаците од Манастирот „Успение на Пресвета Богородица-Трескавец“, кој датира од 13-тиот век и е заштитено културно наследство од највисок ред, не можат да бидат целосно ставени во функција поради проблеми со водоводниот систем.
Голема кражба спречи манастирскиот комплекс „Трескавец“ да го добие водоводот што ќе овозможи да бидат ставени во функција обновените конаци по пожарот од пред 12 години. Пред новогодишните празници, украдени биле важни делови од каблите, автоматиката и електрониката, неопходни за функционирање на водоводот. Штетата се проценува на околу 10.000 евра. Кражбата е пријавена во полицијата. Иако водоводот беше завршен до 70%, со наполнети резервоари пред празниците, кражбата доведе до ново одложување на пуштањето на системот во функција.
Пуштањето на водоводот во Манастирот е и последниот предуслов за конечно да се изврши и технички прием на комплексот, откако во 2020 година целосно беа реновирани конаците по катастрофалниот пожар од 4 февруари во 2013 година, кога беа пеплосани до темел. Вкупната вредност на манастирскиот водоснабдителен систем, во кој е вклучена и пречистителна станица, е околу 150.000 евра. 100.000 евра беа обезбедени од Светската банка преку ТАВ Македонија и 50.000 евра од општина Прилеп. Додека за обнова на конаците државата вложи околу 2 милиона евра.
Според изјавата на Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и канализација“ од Прилеп, интензивно се работи на обезбедување нови средства и материјали за заменување на украденото, со цел водоводот да биде готов до март.
Градоначалникот Борче Јовчески уверува дека тоа може да се среди за ден до два.
„Веќе бевме пред пуштање во употреба на водоводот. Работиме на тоа повторно да се обезбедат средства за обезбедување на тие материјали кои што може за ден-два да се имплементираат во тој водоводен систем. Инаку, изворот е комплетно обезбеден и останува да го дозавршиме и да го објавиме како завршен проект, водата ќе биде хлорирана, чиста и е наменета за пиење“ објаснува Јовчески.
Иако манастирските конаци се целосно обновени, собите сè уште остануваат затворени за посетителите додека не се завршат последните работи со водоводот.