Физиотерапевти и пластични хирурзи од Скопје ќе пружаат теренска помош во Кочани за повредените од пожарот во „Пулс“

Физијатри и физиотерапевти од Клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Козле и од Градската општа болница „8 Септември“ од следната недела ќе започнат со теренски посети во Кочани, каде што ќе работат со локалните тимови за рехабилитација на повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. „Целта е да се избегне транспорт на пациентите до Скопје и да им се овозможи третман во родното место, близу до семејствата“, изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски, на настан по повод Светскиот ден на мултипла склероза. Тој информира и дека ќе се зголемат посетите на специјалистите од Клиниката за пластична хирургија во Општата болница во Кочани.

Во трагичниот пожар што избувна на 16 март во дискотеката „Пулс“, животот го загубија 62 лица, меѓу кои и 6 деца, додека околу 200 беа повредени, од нив 25 деца. Најголем дел од повредените имаат тешки изгореници и последици од вдишување чад. Над 100 пациенти се испратени на лекување во странски медицински центри, главно во соседна Бугарија. „Има пациенти што сакаат да го продолжат лекувањето во странство. Конкретно во болницата ‘Пирогов’ во Софија има неколку наши граѓани кои го започнаа таму својот третман и сакаат да го продолжат на истото место. ФЗОМ е во контакт со институцијата за да се координира понатамошното лекување. Нема законски пречки за ова“, истакна Клековски, додавајќи дека еден од потешко повредените се вратил на Клиниката за пластична хирургија и веќе покажува подобрување.

Дополнително, тој објави дека пред десет дена е одобрен буџет за набавка на нов робот за рехабилитација на горни екстремитети на Клиниката во Козле, како и педијатриски додатоци за постоечкиот робот за долни екстремитети. Од правен аспект, денес Основното јавно обвинителство Кочани соопшти дека ја финализирало истражната постапка за несреќата. Вкупно 46 лица се осомничени за тешки дела против општата сигурност, согласно Кривичниот законик. Обвинителството најави дека наскоро ќе биде поднесено и обвинение.

Слични Објави