Прес конференција – Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“ 16
Општина Битола е подготвена за реализација на уште едно незаборавно културно лето, исполнето со квалитетни културни содржини, нови концепти и традиционални манифестации. Најголемото музичко доживување во Битола на официјалното отворање на 16 издание на БИТ ФЕСТ, најавува програма со висок квалитет.
За првпат, Стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, на отворањето на БИТ ФЕСТ 2024 е домаќин на спектакуларен настан кој започнува денес 3 јули 2024 година, со почеток од 19 часот.
Следува несекојдневен настан, кој ќе постави нови стандарди во културата и музичкиот живот во Битола.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со дел од изведувачите на вечерашната „Симфонија на ѕвездите“, го најавија официјалниот почеток на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Вечерва на Стадионот „Петар Милошевски’ во Битола се очекува публика од околу 4000 гости.
„Се наоѓаме пред официјалниот почеток на 16 издание на БИТ ФЕСТ. Направивме една прекрасна компилација вечерва на една нова сцена. Градскиот стадион „Петар Милошевски“ ги отвора вратите и за вакви концертни активности. Освен спортот и она што е основната намена на овој објект, првпат во овој официјален дел со концертни активности ќе можеме да ги покажеме убавините на стадионот и она што нашите гости ќе го презентираат. Како локална самоуправа, трета година по ред, се обидуваме да го подигнеме нивото на фестивалот и верувам дека ќе уживаме во вечерашниот спектакл. Во 18 часот започнуваме со детската олимпијада на тениските игралишта, а потоа продолжуваме со програмата на градскиот стадион“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Градоначалникот најави дека вечерашната програма која ќе ја предводи Камерниот оркестар на Битола, ќе започне во 19:00 часот со ди-џеј сетовите на DJ Ile The Hair и DJ Boca, а од 21:00 часот продолжуваат Паркети, Суперхикс, Констракта, Каролина Гочева, Камерен Оркестар заедно со Love Itoya, Schiller, Pig & Dan и Brass Brothers.За своите очекувања вечерва, зборуваше и Love Itoya која е по потекло од Нигерија, а моментално живее и работи во Лондон, Велика Британија, добропозната по енергичните настапи кои ги имаше на првото издание на МТВ The Greatest Hits минатата година.
„За првпат настапувам на Стадионот во Битола, но првиот настап во Битола ми беше во 2019 година, имам настапувано во Порта џез, на Хераклеја итн. Многу сум почестена од моето присуство денеска тука и вечерашниот настап. Планирам да донесам многу позитивна енергија, убави вибрации, ќе пеам убави песни и верувам дека публиката ќе биде постојано распеана и разиграна за време на мојот перформанс. Исклучително ми е убаво во Битола, особено поради фактот што забележувам дека нема ни ронка расизам тука, во овој град. Се чувствувам како дел од нив, секогаш прекрасно“, изјави Love Itoya. Познат по своите аудио-визуелни перформанси, Schiller го промени изгледот на електронската музика, и постојано ги поместува границите со своите звуци. Неговите албуми како „Leben“ и „Future“ се добро познати ширум светот, додека хитовите како „I feel you”, „Das Glockenspiel“ и „Sehnsucht“ остануваат вечни фаворити на обожавателите.
За се да звучи уште подобро, нашите добропознати Наде Талевска и Агни Авшар ќе му се придружат на сцената и ќе направат неговите песни да звучат уште подобро. Шилер на денешната средба со новинарите, најави незаборавен настан: „Не ми е првпат да сум во Македонија, но првпат сум во Битола и исклучително ми е драго што сум тука на ова прекрасно време, со овие прекрасни луѓе. Кога бев млад, многу сакав да слушам музика и секогаш ја барав совршената музика за мене, но никогаш не ја најдов и оттаму се одлучив да почнам да творам сам. Особено обожавам електронска музика и особено сакам да ја мешам со вокали и инструменти. Многу сакам да ја мешам својата музика со различни стилови и затоа се радувам и на можностите кои ќе се појават од оваа средба. За жал после настапот ќе морам да заминам, бидејќи имам претстојни настапи во Германија, но затоа дојдовме неколку дена порано и имав можност да ги видам Скопје и Охрид, а посебно од Охрид ќе пренесам многу позитивни впечатоци. Првпат ја пуштам својата музика на стадион и искуството го доживувам како многу посебно и иако шоуто нема започнато, знам дека ќе биде незаборавен настан“, изјави Schiler (Christopher von Deylen).