|

Пред 166 години, во срцето на Атина, Григор Прличев го доби „Ловоровиот венец“

На денешен ден, 25 март, македонската и европската литература го слават еден од најголемите триумфи на еден македонски автор. Пред точно 166 години, во срцето на Атина, Григор Прличев го доби „Ловоровиот венец“ на престижниот анонимен конкурс за поезија, оставајќи ги во сенка тогашните најголеми грчки поетски имиња.

Неговата поема „Сердарот“ (грчки: Ο Αρμάτωλος), напишана во неговите студентски денови, беше оценета како „творба на чудотворно длето“ каде секој стих „светка како чист бисер“. Критичарот Александар Ризос Рангавис, занемен пред силата на Прличевиот збор, јавно го прогласи за „Втор Хомер“, титула која и денес стои како синоним за неговиот ненадминат епски талент.

„Почувствував едно неописиво волнение какво никогаш не усетував… Прекумерната радост е поубиствена од жалта“, запишал подоцна Прличев во својата култна „Автобиографија“, сеќавајќи се на моментот кога неговото име одекнало низ Атина.

Иако овенчан со слава во туѓина, Прличев остана доследен на својот корен. Неговиот говор во Солунската гимназија во 1885 година и денес одекнува како повик за будење на македонското национално достоинство и борба против културната заостанатост.

Денес, стиховите „Пискотници се слушаат од Галичник во Река“ не се само дел од училишната лектира, туку се код на македонскиот непокор и чест. Прличев останува темелникот на македонската книжевност од 19-тиот век, писател на кого Македонија му беше и „љубов и судба, и лулка и гроб“.

Главниот критичар, Александар Ризос Рангавис, пак, истакнал дека ,,О Арматолос” е: творба на чудотворно длето… секој стих светка како чист бисер”.

Прличев е ,,писател, кому Македонија му е и љубов и судба, и болка и очај, и неопходност и тага, и лулка и гроб”.

***

,,Пискотници се слушаат од Галичник во Река.

Што тешка несреќа ги збра,

и мажите и жените та гласи тажна ека

и навева сал коб и зла?

(…) Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега,

тој сердар прочут падна в бој,

и ќе ги гази пљачкашот планините ни сега,

а да ги брани нема кој.

(…) Албанците, гологлави, пристапија со почит,

со раце скрстени. Тој час

најстариот се доближи и вземи удри очи

па прошепна со искрен глас:

,И везден ти да плачеш, имаш зошто. Биди силна!

Ти изгуби, о мајко, џин!

Народите ќе пеат колена со уста милна

за делата на твојот син’.”

Слични Објави