Изложба и промоција на уметничката книга „Flow“ на Александра Ацеска во Прилеп
Во галеријата на Домот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, се одржа изложба и промоција на уметничката книга „Flow“ (Пловидба) на ликовната уметничка Александра Ацеска. Голем број прилепчани покажаа интерес и љубопитност за делата на Ацеска, родена во Прилеп, а веќе неколку години со творечко живеалиште во Фошан, Кина.
Публиката имаше можност да ужива во изложените слики што зрачат со живост и енергија, а самата уметница ја доближи својата работа, раскажувајќи за техниките што ги користела при создавањето на делата и во уметничката книга. „Flow“ претставува збирка од пет приказни за пет жени кои пловат низ животните води, соочувајќи се со плимата и осеката на секојдневието. Ацеска откри дека во книгата се проткаени тивките приказни на нејзини пријателки – четири жени на различна возраст и од различни места, како и нејзината лична приказна во која се соочува со стравот од промените, но и со силата да ги прифати предизвиците и да излезе од нив посилна, посмела и поисполнета.

„Промените се неизбежен дел од нашето постоење,“ истакна Ацеска. „Некогаш ни се наметнати од животот, а некогаш сами одлучуваме да лебдиме по брановите што доаѓаат. Без нив, животот би бил едноличен и празен. Убавината е токму во тоа – да бидеш радосен, полетен и заљубен, но и тажен, разочаран и скршен. Секоја промена што нè носи кон личен раст, на крајот е светла и добра промена.“
Филип Димкоски – модератор на настанот, a Иван Ивановски – промотор на книгата,.
Александра Ацеска е родена во Прилеп. Во 2017 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство и графички дизајн, а во 2023 година го завршила магистерскиот студиум по сликарство. Зад себе има неколку самостојни изложби, учества на бројни групни изложби, како и домашни и меѓународни награди.
Со „Flow“ таа уште еднаш покажа дека нејзиното творештво носи силна емоција и инспирација. ѝ честитаме за успешната промоција и ѝ посакуваме уште многу креативни достигнувања.



