Потврда од УЕФА мечот Македонија – Италија ќе се игра на Стадионот „Петар Милошевски“
Стадионот „Петар Милошевски“ во Битола доби официјална потврда од УЕФА дека е целосно подготвен да биде домаќин на квалификацискиот натпревар за Европското првенство меѓу репрезентациите на Македонија и Италија до 21 година, кој ќе се одигра на 9 септември.
Во изминатите 40-на денови, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во соработка со Општина Битола реализираше инвестиција вредна околу 150.000 евра, со која стадионот доби значителни подобрувања и современ изглед.

Меѓу клучните интервенции се поставувањето нови столчиња на јужната трибина, целосна обнова и обложување на тартан патеката, целосно опремени службени и медија простории, нови клупи за резервни фудбалери, уреден ВИП простор и современ ЛЕД семафор, донација од ФФМ. Дополнително, со нов тревник и механизација ангажирана од федерацијата, теренот е подготвен за натпревари од највисоко ниво.
„Со овие вложувања стадионот ги исполнува европските стандарди и конечно повторно станува место каде што ќе се играат големи натпревари. Ова е дел од нашата јасна стратегија за модернизација на фудбалската инфраструктура во државата“, истакна првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Со потврдата од УЕФА, Битола повторно ќе биде на европската фудбалска мапа, а натпреварот со Италија ќе биде прв голем тест за обновениот стадион.



