| | |

Конкурс за избор на невеста и зет на Галичка свадба 2025

Месната заедница Галичник официјално објави конкурс за избор на зет и невеста за Галичката свадба 2025, која традиционално ќе се одржи на петровденскиот викенд, од 11 до 13 јули. Овој настан, познат по својата автентичност и богатство од вековни обичаи, повторно ќе ја оживее магијата на традиционалната македонска свадба. Според организаторите, пријавувањето за конкурсот е отворено до 20 април 2025 година. Сите заинтересирани парови кои сакаат да ја крунисаат својата љубов на Петровден и да дадат завет пред Бога, треба да испратат е-пошта на mzgalicnik@gmail.com со наслов „За избор на зет и невеста“ и да раскажат зошто токму тие се вистинскиот пар за оваа чест.

Месната заедница истакнува дека предност при изборот ќе имаат парови кои имаат потекло од Галичник (двајцата или еден од нив), оние кои претходно учествувале во Галичката свадба во некоја улога, како и оние кои се активни членови на заедницата. Дополнително, конкурсот е наменет за парови на кои ова ќе им биде прв црковен брак. Одлуката за избор на зет и невеста ќе биде соопштена најдоцна до 31 мај 2025 година, а резултатите ќе бидат објавени на официјалната веб-страница и фејсбук-профилот на Месната заедница Галичник.

Галичката свадба претставува еден од најзначајните културни настани во Македонија, позната по својата автентична носија, традиционалните свадбени обичаи и богатата фолклорна програма. Со години наназад, овој настан привлекува голем број посетители од земјата и странство, кои уживаат во уникатниот амбиент на оваа историска прослава. Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани парови да ја искористат оваа единствена можност и да станат дел од ова незаборавно доживување, кое го слави македонскиот дух и традиција.

Фото – Википедија

Слични Објави