Почит кон Ченто – 68 години од смртта на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ
Денес, Прилеп со длабока почит се поклони пред ликот и делото на Методија Андонов-Ченто, по повод 68 години од неговата смрт. На свеченоста во центарот на градот, пред споменикот на овој голем македонски патриот, беше положено свежо цвеќе од страна на градоначалникот Борче Јовчески претседателката на Советот на Општина Прилеп Ирена Локвенец, претставници на политички партии, како и Сојузот на борци.
Методија Андонов-Ченто е еден од најсветлите ликови во македонската историја — борец за слобода, правда и самостојна Македонија, и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Неговата бескомпромисна борба за македонската кауза е вградена во темелите на македонската државност.
„Верував во сè, но не верував дека мои ќе ми судат за Македонија.“ Оваа реченица не само што сведочи за болката од неправдата што му била нанесена, туку и за неговата длабока љубов кон сопствениот народ и држава.
Методија Андонов-Ченто останува светол пример и патоказ за сите идни генерации.
Вечна слава и длабока почит!
Методија Андонов – Ченто е македонски национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Роден е во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година, во својот роден град.
Долго време по неговата смрт, Ченто бил табу тема и ретко бил споменуван во книгите и учебниците, а и јавните разговори за него биле најстрого забранувани. Во 1990 година, по осамостојувањето на Македонија, на барање на неговиот син Илија Андонов – Ченто, судот ја повторил кривичната постапка против Ченто, при што одлуката на судот од 1946 година била укината. Постхумно е одлику¬ван со “Орден на Република Македонија”, признание кое го имаат само поранешните претседатели на Македонија.
Така завршува епопејата за еден борец за македонско национално единство, борец за обединета и независна Македонија.



