Агенцијата за вработување нуди бесплатни обуки – Пријавете се за возачки категории „Ц“, „ЦЕ“ и „Д“

Објавен јавен оглас за бесплатни обуки за возачи од „Ц“, „ЦЕ“ и „Д“ категорија за невработени лица

Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија објави Јавен оглас за заинтересираните невработени лица да се вклучат во бесплатни обуки за стекнување возачка категорија „Ц“, „ЦЕ“ и „Д“. Овие обуки се дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2025 година, финансирани од Буџетот на Агенцијата за вработување. Огласот е отворен од 27 ноември 2025 година и важи до исполнување на предвидениот број на корисници.



Обуки ќе се спроведуваат во Скопскиот регион и другите плански региони, во зависност од бројот на пријавени кандидати. Реализацијата ќе ја вршат лиценцирани автошколи, а успешните учесници ќе добијат потврда за оспособеност и право на полагање возачки испит. Полагањето мора да се заврши најдоцна 4 месеци по завршување на обуката.

Критериуми за учество

За „Ц“ категорија се бара минимум 21 година возраст, важечка дозвола „Б“ најмалку една година, основно образование и здравствена и психофизичка способност.
За „ЦЕ“ категорија се бара дозвола „Ц“ најмалку една година, а за „Д“ категорија минимум 24 години возраст и дозвола „Ц“ најмалку две години.

Избраните кандидати пред потпишување договор ќе треба да достават здравствена потврда и доказ дека немаат забрана за управување со возило.

Селекција и приоритети

Покрај законските, ќе се применуваат и дополнителни критериуми:

  • принцип на диверзитет и инклузивност (етничка, полова, религиска, расна и друга застапеност),
  • рамномерен регионален развој според податоците од Бирото за регионален развој,
  • предност за кандидати кои први поднеле пријава,
  • предност за лица кои претходно не биле вклучени во оваа обука.

Обуките треба да траат најмногу 1 месец од денот на потпишување на договорот. Во случај некој кандидат да не го положи испитот во редовниот термин, второто полагање е на сопствен трошок.

Начин на пријавување

Заинтересираните невработени лица можат да поднесат пријава во центрите за вработување каде се евидентирани, секој работен ден од 09:00 до 14:00 часот. Огласот е отворен сè до исполнување на предвидената бројка на учесници.

Детални информации се достапни на веб-страницата на Агенцијата (www.av.gov.mk), на нивната Facebook страница или во работните клубови на 30-те центри за вработување. За дополнителни прашања може да се користат телефоните 02/3111-850 и 02/3122-397 или е-маил адресите info@av.gov.mk и kabinet@av.gov.mk.

Слични Објави