|

Гимназијалецот Петар Мирчески со бронзен медал на Меѓународната хемиска олимпијада во Дубаи

Гордост за Прилеп и Македонија! Прилепчанецот Петар Мирчески, ученик во 4 година во гимназијата „Мирче Ацев“, освои бронзен медал на 57. Меѓународна хемиска олимпијада (IChO 2025), која се одржа во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

Петар беше дел од четиричлениот национален тим кој ги бранеше боите на Македонија во конкуренција од 354 ученици од 90 држави од целиот свет. Освен Мирчески, сребрен медал освои Марио Ванчоски од гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип, а пофалница доби Теона Ана Георгиевска од гимназијата „Јахја Кемал“ во Скопје. Во тимот беше и Елена Живаљевиќ, исто така ученичка од „Јахја Кемал“.

Нашите ученици се натпреваруваа рамо до рамо со најдобрите млади хемичари од светот, по серија интензивни подготовки што се одвиваа на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Покрај водичите на тимот, проф. д-р Миха Буклески и проф. д-р Слоботка Алексовска, во подготовките учествуваа и професорите Владимир Петрушевски, Марина Стефова, Јасмина Петреска-Станоева, како и асистентите Ивона Софрониевска и Леон Стојанов.

Вреден придонес дадоа и поранешните олимпијци и сега студенти на ПМФ – Михаил Трајков и Дарко Стојчев, како и нивните колеги Марија Петрова и Филип Бојаџиевски.

Овој успех е уште една потврда за посветеноста, знаењето и талентот на младите македонски хемичари, меѓу кои посебно се истакна прилепчанецот Петар Мирчески.

Фото: Фејсбук

Слични Објави