Rock Blues Band вечерва на Камената бина со хитови од Азра и Рибља Чорба
Љубителите на рок и блуз музиката вечерва имаат можност да уживаат во настапот на прилепската музичка група Rock Blues Band, кој ќе се одржи на Камената бина на плоштадот Александрија со почеток од 21 часот.
Групата постои од 2015 година и во изминативе десет години се етаблираше како едно од најпрепознатливите локални имиња на македонската рок-сцена. Започнаа со настапи низ прилепските кафетерии, а денес настапуваат низ повеќе градови во државата, претставувајќи го својот препознатлив стил базиран на рок и блуз класиците.
Нивниот репертоар опфаќа познати англиски рок и блуз хитови, но и нумери од екс Ју сцената, кои публиката ги пречекува со ентузијазам. Овојпат, како дел од проектот „Од нула до култура“, Rock Blues Band ќе изведе хитови на легендарните групи „Азра“ и „Рибља Чорба“, ветувајќи вечер исполнета со енергија, носталгија и квалитетен звук.
Членови на бендот се:
- Борче Шабаноски – гитара
- Игор Јагуриноски – вокал
- Горан Иваноски – тапани
- Методија Костоски – бас гитара
Концертот се одржува на отворено, на препознатливата Камена бина во центарот на Прилеп.
Со вакви иницијативи, проектот „Од нула до култура“ продолжува да го збогатува културниот живот на градот, нудејќи поддршка за локални музичари и овозможувајќи незаборавни вечери за граѓаните.



