По огнометот – забава со Лозано на плоштадот „Александрија“!
Како дел од програмата за одбележување на државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, прилепчани и гостите на градот ќе уживаат во музичка забава со Влатко Лозаноски – Лозано. Настанот ќе се одржи во петок, на 10 октомври, на Камената бина на плоштадот „Александрија“, со почеток во 20:15 часот.
По традиционалниот празничен огномет, посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапот на еден од најпопуларните македонски пејачи, кој со својот препознатлив глас и хитовите „Ова лето ќе се памети“, „Мајко“, „Километри“ и многу други, ветува вечер исполнета со емоции и позитивна енергија.
Концертот на Лозано е дел од програма што Општина Прилеп ја подготви по повод одбележувањето на 11 Октомври, која опфаќа повеќе културни, уметнички и забавни содржини.
Со огнометот, музиката и празничното расположение, Прилеп и оваа година ќе ја прослави својата слободарска традиција на начин што обединува генерации и потсетува на значењето на историскиот датум.


