22,6 милиони денари за националните паркови „Пелистер“ и „Шар Планина“
По предлог на првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, Владата на вчерашната седница донесе одлука за доделување финансиски средства на двата национални парка – „Шар Планина” и „Пелистер”, кои со години се соочуваат со финансиски предизвици.
Како што информираат од Министерството за животна средина, целта на оваа поддршка е зајакнување на институционалните капацитети и обезбедување одржлив развој на овие заштитени подрачја.
Врз основа на доставените барања од јавните претпријатија, со ребалансот на Буџетот за 2025 година Владата одлучи да додели 10 милиони денари за ЈП „Шар Планина” и 12,6 милиони денари за ЈП „Пелистер”, во форма на капитални субвенции за јавни претпријатија.
Средствата ќе бидат искористени за поддршка на обврските кон вработените и изведувачите, набавка на современа опрема за краткорочна прогноза и мониторинг на ризици од шумски пожари и поплави, како и за спроведување иновативни техники за заштита и подготвеност на граѓаните во рамки на проектот PREVENT од програмата IPA 2.
Со оваа финансиска поддршка, Министерството има за цел да го унапреди одржливото управување со националните паркови, да го поттикне развојот на еко-туризмот и да ја подобри заштитата на природното наследство и биодиверзитетот во овие подрачја од национално значење.



