Вечерва изложба на врвениот мајстор на акварелот Миноски
Во Ликовната галерија при Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, вечерва со почеток во 19:00 часот ќе биде отворена ретроспективна изложба на делата на истакнатиот уметник Илија Миноски.
Изложбата претставува ретроспектива на неговото богато уметничко творештво, што ја нагласува неговата уникатна техника и длабока посветеност на уметноста. Сите љубители на ликовната уметност се поканети да присуствуваат на отворањето и да уживаат во делата на еден од најзначајните акварелисти во Македoнија и на Балканот
Илија Миноски, познат како врвен мајстор на акварелот, е роден во уметничко семејство во 1936 година во Прилеп. Неговиот татко, Кирил Миноски, исто така бил уметник и значајно влијаел врз развојот на неговиот ликовен израз. Уметничкото образование го започнал со матурата во Училиштето за применета уметност во Скопје во 1960 година, а го заокружил со дипломирање на отсекот за сликарство на Педагошката академија во Скопје во 1978 година. Таму учел од реномирани професори како Борко Лазески, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски и Димитар Аврамовски-Пандилов.
Миноски од 1962 година својата страст за уметноста ја пренесувал на младите како наставник по ликовно образование во Основното училиште „Климент Охридски“ во Прилеп.
Изложбата е дел од годишната програма на Центарот за 2024 година поддржана од Министерството за култура.